Демодикоза

Демодикозата е често дерматолошко заболување кај кучињата и поретко кај мачките.
Кај кучињата до денес се разликуваат три типа на демодекс грини а тоа се: Demodex canis, Demodex injai и Demodex cornei. 

Демодикозата кај кучињата е поделена во две категории зависно од возраста на пациентот за време на појавата на првите симптоми.

  • Јувенилна демодикоза:
    – оваа демодикоза се јавува кај кучиња кои се помлади од 18 месеци.
    – локална демодикоза е ограничена на само еден дел од телото
    – генерализирана демодикоза се смета кога е на сите шепи, на цела регија на телото или повеќе места, или ако трае подолго од 6 месеци.
    – појавата на демодикозата се смета дека е последица на генетика, лоша исхрана, стрес и генерално намален имунитет на кучето.
  • Возрасна демодикоза
    – оваа демодикоза се поврзува со системски заболувања (хиперадренокортицизам, хипотиреоидизам, дијабетес мелитус, неоплазии и др.) или имуносупресивна терапија.

Клинички знаци:
– спонтани алопеции (опаѓање на крзното)
– фоликуларни красти
– папули (мали топчиња)
– комедони (црнки)
– можна појава на воспаление на надворешното уво

Вашиот ветеринар ќе ја дијагностицира демодикозата со земање на примерок (огребок и крзно со фоликули) од воспалените делови на телото на вашето куче. Потоа овие примероци ќе ги прегледа под микроскоп во потрага по малите паразити.

 

 

Терапијата на локализираната демодикоза се состои од апликација на топикални антимикробни лекови како mupirocin, benzoyl peroxide, chlorhexidine… Вашиот ветеринар ќе одлучи со која конкретна терапија ќе лекува. Секогаш следете ги инструкции за дозирање и времетраење на терапијата препишана од вашиот ветеринар. Препорачливо е после 4 недели да се повтори земањето на огребок за да се утврди дали демодикозата е уште присутна.

Лечење на генерализирана форма на демодикоза е тешко и напорно и вие како сопственици мора да бидете спремни дека тоа е долг и тежок процес. Многу е важно да знаете дека не смеете да ја прекинете терапијата во моментот кога ќе забележите дека симптомите се намалиле или исчезнале, тоа НЕ ЗНАЧИ дека заболувањето е излечено.
Генерализираната форма на демодикоза е најчесто придружена со стафилококна пиодерма за која ќе биде потребна употреба на антибиотици. Вашиот ветеринар ќе одлучи кој антибиотик конкретно е соодветен за вашето куче.
Терапија со амитраз, ивермектин, инсектицидни медицински шампони е основна терапија.