Штенечак

Штенечак е многу заразна и сериозна болест која е предизвикана од вирус кој ги напаѓа респираторниот, гастроинтестиналниот и нервниот систем кај млади кученца и возрасни кучиња.
Овој вирус ги напаѓа и дивите животни како волци, лисици, којоти, ракуни а во поново време е забележан и кај лавови и тигри.

Кучињата најчесто се инфицираат аерогено преки кивање и кашлање на заболено животно. Вирусот исто така може да се пренесе преку користење на исти чинивчиња за храна и вода помеѓу здрави и болни животни. Инфицираните животни можат да го расејуваат вирусот со месеци, а кучињата мајки можат да го пренесат на целото легло преку плацентата.

Сите кучиња имаат ризик за инфекција од овој вирус, а особено кутриња помлади од 4 месеци и постари кучиња кои никогаш не биле вакцинирани.

Кои се симптомите на штенечак кои вие ќе ги забележите:
– воденкасто-гноен исцедок од очите
– зголемена телесна температура
– исцедок од носот
– кашлање
– летаргија
– намален апетит
– повраќање

Доколку болеста прогресира и го зафати нервниот систем, следуваат следните симптоми:
– одење во круг
– искривена глава
– тикови
– тресење на вилицата
– лигавење
– напади
– парцијална или целосна парализа

Вирусот најчесто предизвикува и стврднување на перничињата на шепите.

Штенечакот е најчесто фатална болест, а тие кутриња кои ќе ја имаат среќата да преживеат скоро секогаш имаат доживотно оштетување на нервниот систем.

Вашиот ветеринар ќе ја дијагностицира оваа болест преку клиничките знаци на вашето кутре и со правење на брз тест сличен како оној за парвовирозата.
Откако ќе биде потврдено дека сепак се работи за штенечак може да се даде само потпорна терапија бидејќи лек за оваа болест нема. Затоа вакцинираме.
Терапијата се состои од давање на инфузија за да се заменат изгубените течности преку повраќањето, медикаменти за контрола на повраќањето и дијареата, витамини и минерали, и секако антибиотска терапија за превенција од секундарни инфекции.

Кучињата кои се инфицирани со штенечак мора да бидат изолирани од сите други кучиња за да се намали ризикот од дополнителни инфекции.

Штенечакот е болест која се спречува само со вакцинирање и избегнување на контакт на вашето кученце со невакцинирани или инфицирани кучиња. Не заборавајте дека не за џабе постои шема на вакцинирање која е направена за што подобро да се изгради имунитетот на вашето кученце. Избегнувајте да доцните со ревакцини. Секое доцнење го става вашето кученце на ризик.
Избегнувајте да одите во парк, парк за кучиња, часови за кучиња додека вашето куче не ги прими сите вакцини. 

Leave a Reply