Параинфлуенца вирус (Kennel cough)

Кучешкиот параинфлуенца вирус е еден од причинителите на така наречената „кашлица од одгледувачница“ (Kennel cough), состојба која не е живото загрозувачка, наликува на грип и предизвикува кашлање и други респираторни симптоми кај кучињата. Оваа кашлица, која исто така може да биде предизвикана и од бактерија наречена Bordetella, може да има ефект на животните од неколку дена до неколку недели. Оваа болест се пренесува помеѓу кучињата со директен и индиректен контакт, во мали затворени простории, одгледувачници, аеродроми, шелтери и слично. Може да се пренесе и од мачки на кучиња и обратно. Овој вирус може да се пренесе и на луѓе со особено ослабнат имунитет.

 

 

 

СИМПТОМИ КОИ ВИЕ ЌЕ ГИ ЗАБЕЛЕЖИТЕ:

– кашлање (суво или влажно)
– искашлување шлајм
– кивање
– давење
– исцедок од носот
– зголемена телесна температура
– пнеумонија (кај екстремни случаји)

Некои кучиња може да не покажуваат никакви симптоми и да ја пренесуваат инфекцијата незабележани. Вирусот може да се пренесува преку воздух или индиректно преку предмети со кои кучето дошло во допир (играчки, чинии и сл.). Кучиња кои се особено на ризик за оваа болест се стари, млади кучиња и оние кои не се вакцинирани против canine parainfluenza virus и bordetella.

Доколку го забележите вашето куче како ги има овие симптоми, дури и само еден од нив веднаш однесете го кај вашиот ветеринар.

 

 

Вирусот на параинфлуенца е сличен на тој на штенечак и овие два вируса ги делат истите симптоми, од упорно кашлање до воспаление на ларинксот, бронхиите и трахеата.

Вирусот може да остане присутен во воздухот дури и 2 недели по заздравувањето на кучето. Затоа е многу важно доколку имате одгледувачница, одвојување на здравите од болните кучиња, темелно чистење на сите простории, секое куче да има своја чинија за јадење и да не пијат вода од иста, и препорачливо е да се инсталира УВ лампа за деконтаминација и стерилизација на воздухот и површините.

Малите кученца и минијатурните раси се поприемчиви за овој вирус поради густиот секрет кој се продуцира за време на воспалението на грлото.

 

 

Поставување на дијагнозата не се разликува многу од дијагностицирањето на било која друга заразна респираторна болест кај кучињата. Многу е важно да му дадете на вашиот ветеринар опширни и точни информации за кога започнале симптомите, кои се и како се развивале пред да дојдете на прегледот. Со оглед на тоа дека вирусот многу лесно може да се закачи во одгледувачници, паркови за кучиња, кај фризери за кучиња и генерално места каде се собираат кучиња, многу е важно да му кажете на вашиот ветеринар дали вашето куче посетувало вакви места во периодот од 2 до 4 недели пред да се појават првите симптоми.

Вашиот ветеринар ќе го прегледа кучето и ќе направи испитување на крвта за да утврди дали се работи за бактериско или вирусно заболување. Доколку не може да направи дефинитивна дијагноза, ветеринарот ќе предложи да се направи култура на клетки за да се утврди со сигурност за што се работи. Откако ќе се постави дефинитивна дијагноза вашиот ветеринар ќе реши со каква терапија ќе се продолжи.
Брз тест како оној за парво и штенечак постои и за оваа болест.

 

 

Додека се прима терапијата, освен ако не се работи за екстремен случај, вашето куче нема да биде хоспитализирано бидејќи оваа болест е многу заразана и може да се пренесе на другите хоспитализирани кучиња.  Домашната терапија ќе се состои од:

– квалитетна исхрана и хигиена
– исклучување на фактори од домот кои допринеле или понатаму можат да допринесат за инфекција
– лекови на база на кодеин за намалување на кашлањето треба да се користат само во случаји на упорна непродуктивна кашлица
– екстремни случаји ќе имаат потреба од антибиотици како цефалоспорини, хинолони, тетрациклини и хлорафеникол. Антибиотикот треба да се одреди по добиените резултати од направентата култура на клетки.

Единствениот начин да го заштитите вашето куче од параинфлуенца вирусот (како и други инфекти кои се поврзани со овој вирус) е со ВАКЦИНА и редовни ревакцинации. Ова особено важи ако вашето куче е во редовен контакт со други кучиња.

 

Leave a Reply