Лајшманиоза (LSH)

Лајшманиоза е медицинскиот термин кој се користи за да се опише болна состојба која е предизвикана од страна на паразит од групата протозои наречен Лајшманија. Кај кучињата оваа состојба може да биде категоризирана во два типа на болест – кутана (кожна) форма и висцерална (на внатрешните органи) која е најтешката форма на лајшманиозата.

Инфекцијата се добива кога домаќинот е каснат од страна на песочна мува која во себе го носи овој паразит. Периодот на инкубација од иницијалната инфекција до првата појава на симптоми е обично од еден месец до неколку години. Кај кучињата, се шири низ телото до повеќето органи, проследено со откажување на бубрезите кое е и најчестата причина за смрт од оваа болест. Дури 90% од инфицираните кучиња ќе имаат и кожна форма на болеста. Не постои возрасна, полова или расна предиспозиција за лајшманиоза, но постојат статистики дека машките кучиња се поподложни на висцералната форма на болеста.

Органите кои се зафатени од оваа инфекција се кожата, бубрезите, слезината, црниот дроб, очите и зглобовите. Постои и кожна реакција која се манифестира со лезии на кожата и опаѓање на крзното. Постои и тендеција за хеморагии (крварења).

 

 

 

Лајшманиозата е болест која е зависна од својот вектор преносител а тоа е песочната мува. Оваа песочна мува живее на топли и влажни места, тропски и суптропски предели, но и во умерени зони. Песочните муви обично живеат во Африка и на Блискиот исток, но голем број видови на овие муви се присутни и во Европа.

Phlebotomus mascittii  ја има во Швајцарија, Франција, Белгија, Германија, Австрија и Корзика.
Phlebotomus ariasi ја има во Франција, Шпанија, Португалија, Италија и Андора.
Phlebotomus perniciosus ја има во Бугарија, Хрватска, Франција, Малта, Португалија, Шпанија, јужна Швајцарија и западна Германија.
Phlebotomus perniciosus ја има во Италија, Шпанија и Германија.
Phlebotomus perfiliewi ги зафаќа земјите на Балканот, Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Македонија, Србија, Црна Гора, Грција, Кипар, Грузија, Унгарија, Романија, Франција, Украина и Турција.

Phlebotomus neglectus ја има во Албанија, Хрватска, Грција, Унгарија, Италија, Црна Гора, Македонија, Србија и Турција.
Phlebotomus papatasi ја има во Јужна Европа, Албанија, Бугарија, Хрватска, Кипар, Грција, Унгарија, Италија, Црна Гора, Португалија, Србија, јужна Франција, Шпанија и Турција.
Phlebotomus sergenti ја има во Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Грција, Италија, Португалија, Шпанија, јужна Франција и Турција.
Phlebotomus similis и Phlebotomus tobbi се моментално ограничени на југо-источна Европа, поточно Грција, Турција и околните земји.

 

Присутноста на песочните муви е ограничена на предели во кои има температура над 15.6 °C барем 3 месеци во годината. На температура под 10 °C, песочните муви влегуваат во фаза на хибернација за да можат да ја преживеат зимата, а со тоа и се намалува нивното размножување. Понатаму, соодветна влажност на воздухот е важен фактор за преживување на јајцата на песочната мува. Од друга страна, зголемување на врнежите на дожд го намалува бројот на песочни муви бидејќи вишокот на влажност го намалува бројот на соодветни дневни места за одмор за возрасните единки и го лимитира нивното летање, а исто така и ги убива незрелите единки.

Многу е важно да се напомене дека лајшманиозата е зооноза, односно болест која може да се пренесе од животно на човек. Кај оваа болест, директен контакт со заболено куче не е ризик, но постои ризик од убод од истите песочни муви и на вас доколку се движите низ ендемични предели.
Пренесување на лајшманиозата од куче на човек не е евидентирано, дури ни меѓу ветеринарите. Во секој случај, мали бебиња, стари лица и лица со сериозно оштетен имунитет треба да избегнуваат контакт со лајшманиозни кучиња.

 

 

СИМПТОМИ И ТИПОВИ НА ЛАЈШМАНИОЗА:

Постојат два типа на оваа болест кај кучињата, висцерана и кутана форма. Секој тип зафаќа различни делови од телото на кучето.

 

* Висцерална форма – зафаќа органи во абдоминалната празнина
– екстремно губење на тежина
– губење на апетитот
– дијареа
– црн измет (ретко)
– повраќање
– крварење од нос
– нетолеранција на физичка активност

 

* Кутана форма – ја зафаќа кожата
 – хиперкератоза (најчест наод) – ексесивно перутање на кожата со нејзино задебелување, депигметација (губење на бојата на кожата), стврднување на носот и перничињата на шепите
– алопеција (симетрично опаѓање на крзното)
– нодули (топчиња) на површината на кожата
– интрадермални нодули и чиреви
– абнормално долги или кршливи нокти

 

Други симптоми поврзани со лајшамниоза се следниве:
– лимфаденопатија (заболување на лимфните јазли со лезии на кожата во 90% од случајите)
– изгладнетост
– знаци на откажување на бубрезите (зачестено уринирање, зголемена жед, можно повраќање)
– неуралгија (болно пореметување на нервите)
– болки во зглобовите
– воспаление на мускулите
– остеолитични лезии (зони на телото каде има губиток на коскено ткиво)
– воспаление на покривната обвивка на коските (ретко)
– зголемена телесна температура пропратено со зголемена слезина (кај една третина од пациентите)

 

ПРЕНЕСУВАЊЕ

Кучиња кои живеат или патуваат во ендемични предели се особено изложени на лајшманиозата.

 

 

 

ДИЈАГНОЗА

За поставување на дијагнозата, вашиот ветеринар за почеток ќе направи темелен преглед на вашето куче. Многу е важно да му кажете детални информации за кои симптоми сте ги забележале, кога тие прв пат се појавиле, дали сте патувале некаде со вашето куче и слично. Дури и информациите кои сметате дека можеби не се важни, кажете ги. Вашиот ветеринар ќе земе крв и урина од кучето за да направи крвна слика, биохемиски профил и анализа на урината. За да се потврди дијагнозата и да се исклучат други причинители, вашиот ветеринар можеби ќе направи и биопсија на кожата во деловите каде што има лезии (доколку се работи за кутана форма).

Повеќето кучиња со лајшманииоза имаат и високи нивоа на протеини и гамаглобулини, како и зголемена ензимска активност на црниот дроб.

 

 

 

 

 

ТЕРАПИЈА

Освен ако состојбата на вашето куче не е екстремно лоша, лекувањето ќе биде од дома. Ако кучето е анорексично, кахектично и хронично инфицирано, можеби ќе треба да размислите за хумана еутаназија бидејќи прогнозата кај ваквите случаји е многу лоша. Доколку вашето куче не е сериозно инфицирано, вашиот ветеринар ќе ви препорача исхрана со високо квалитетна храна богата со протеини или храна која е специјално дизајнирана за бубрежна инсуфициенција.

Доколку се започне со терапија во раните фази на болеста, контролирање на симптомите е возможно. Дури и да се повлечат симоптимите, знајте дека вашето куче е и понатаму инфицирано и симптомите можат повторно да се појават доколку му опадне имунитетот.

Терапијата која вашиот ветеринар ќе ја даде е Meglamine antimoniate или Милтефоран (интравенска или поткожна администрација неколку недели). Овој лек мора да се дава под надзор на ветеринар.
Мeglamine antimoniate/Милтефоран се комбинира со Алопуринол, лек кој се дава орално неколку месеци, а понекогаш и доживотно. Алопуринолот не е токсичен и може да се дава дома.
Друг лек кој се употребува е Амфотерицин Б (се користи за габични инфекции и лајшманиоза), лек кој е многу токсичен и мора да се дава под директен надзор на ветеринар. Овој лек се дава неколку недели, 2-3 пати неделно со инјекција.

Терапијата за лајшманиоза е скапа и трае долго. Бидете спремни дека и после повлекувањето на симптомите, болеста може да се повтори.

Вашиот ветеринар ќе препорача да се следи состојбата на вашето куче за подобрување на симптомите или појава на нови. Одење на преглед на секои два месеци е препорачливо.

Вакцина за оваа болест не постои.

 

 

 

ПРЕВЕНЦИЈА

Заштитата од лајшманиоза се сотои од употреба на ампули или каивчиња кои содржат deltamethrin. Прашајте го вашиот ветеринар да ви посочи конкретен производ. 
Друга работа која може да ја направите е во месеците од годината кога температурата е над 15.6 °C да избегнувате прошетки од зајдисонце до изгрејсонце на места со високи треви и дрва затоа што песочните муви тогаш се најактивни. 

 

Leave a Reply