Млечни заби vs. Трајни заби

МЛЕЧНИ ЗАБИ

Кученцата се раѓаат без заби 😊 Млечните заби почнуваат да се појавуваат на возраст од 3 недели и излегуваат сите додека кученцето наполни 6 недели. Може да има разлики кај одредени кученца и одредени раси. Млечните заби се помали и потемни од трајните кои следуваат. Секачите се појавуваат први, на возраст од 3 до 6 недели, потоа доаѓаат песјаците на возраст од 5 до 6 недели, и на крај предкатниците на 6 недели старост. Малите кученца немаат катници, тие се дел од трајните заби.

 

 

МЕНУВАЊЕ НА ЗАБИТЕ

Кога вашето кученце ќе почне да гризе се што ќе види знајте дека доаѓаат трајните заби и започнува замената на млечните 😊 Гризењето помага да се намали непријатноста од избивањето на забите. Бидете спремни дека ќе треба да тргнете од дофат се што кученцето не смее да гризе (чевли, чанти, кабли и слично) и да има достапно само дозволени предмети. Доколку го начекате кученцето како гризе нешто забрането, искарајте го смирено и тој предмет сменете го со дозволена играчка. Додека ги менува забите погрижете се да има квалитетни играчки за гризење кои се специјално направени за кучиња бидејќи тие се направени од поиздржливи материјали за разлика од играчки за деца. Бидете спремни дека можеби ќе наоѓате паднати млечни заби по дома, но може и да се случи да ги голтне. Додека кученцето ги гризе играчките, може да се случи да скрши заб. Без разлика дали е млечен или траен заб, тоа е многу болно за кучето и може да предизвика инфекција и абсцес па затоа веднаш треба да го однесете на ветеринар.

 

 

 

ТРАЈНИ ЗАБИ

Трајните заби покрај тоа што се побели тие се и посилни од млечните. Секачите се првите заби кои се појавуваат на возраст од 3 до 5 месеци. Песјаците и предкатниците се појавуваат на возраст од 4 до 6 месеци. Последни кои пристигнуваат се катниците на 5 до 7 месечна возраст. Кога сите трајни заби ќе изникнат, вашето куче треба да има 42 заба на број. Може да се случи кај некои кучиња да фалат еден или два.
Овие 42 заба се состојат од 22 заба на долната вилица и 20 на горната. Секоја вилица има по 2 кучешки заба, 6 секачи и 8 предкатници. Долната вилица има 6 катници а горната 4.

 

 

 

ДВОЈНИ ЗАБИ

Понекогаш може да се случи млечен заб да не падне а во исто време да порасне и трајниот заб и да бидат и двата заба на местото на еден. Кога ќе го носите вашето кученце на вакцини и прегледи, вашиот ветеринар ќе му ги прегледува и забите. Доколку вашиот ветеринар забележи дека има ваков непаднат млечен заб ќе ви закаже вадење на тој заб доколку самиот не падне. Доколку овој млечен заб не се извади, трајниот заб ќе расте не погрешен начин, на криво, може да се искриви целата вилица, може да го промени угризот и затворањето на вилицата. Бидејќи ветеринарите обично ги вадат непаднатите млечни заби обично на возраст од 6 месеци, најдобро е да го искомбинирате ова со кастрација/стерилизација за се да се изведе со една анестезија и да не се оптоварува организмот два пати.

 

Leave a Reply