Придобивки од кастрација кај кучињата

Зборувавме за стерилизација на женските кучиња како мерка за контрола на популацијата на кучиња и намалување на бројот на животни на улица. Но, освен женките, опција за намалување на бројот на кучиња кои слободно шетаат по улиците е и кастрација на мажјаците. На страна контрола на популацијата, постојат и многу други причини зошто треба да се кастрираат мажјаците и овие причини влегуваат во две категории: медицински и бихејвиорални. Без разлика за која од категориите ќе зборуваме, сите несакани карактеристики или состојби се резултат на машкиот хормон тестостерон, кој се создава во тестисите. Поради оваа причина, не се практикува васектомија кај кучињата. Васектомијата го елиминира проблемот на создавање потомци но не ги елиминира проблемите кои произлегуваат од самиот тестостерон кој и понатаму се создава.

 

 

КАКО СЕ ИЗВЕДУВА КАСТРАЦИЈА?

Кастрација кај машките кучиња претставува хируршко отстранување на тестисите или орхиектомија. Оваа процедура се изведува со целосна (општа) анестезија и во целосно стерилни услови. Се прави инцизија (сечење) веднаш пред скроталната вреќа (каде што се наоѓаат тестисите) и низ неа се отстрануваат тестисите оставајќи ја вреќата празна. Се подврзуваат крвните садови и спермалното јаже (ductus spermaticus). Откако хирургот ќе биде сигурен дека се е добро подврзано и нема крварење, инцизијата се затвора со шиење во неколку слоеви.

Се препорачува кастрацијата да се направи кога кучето ќе биде на возраст од 9-12 месеци, односно целосно физички оформено. Доколку постојат бихејвиорални причини за кастрација, тие обично се појавуваат на возраст од 1-2 години.

 

 

 

БИХЕЈВИОРАЛНИ ПРИДОБИВКИ ОД КАСТРАЦИЈА

 

* Намалена агресија

Една од најважните бихејвиорални придобивки од кастрацијата е тоа дека како возрасни, овие кучиња се стремат да бидат помалку агресивни према други кучиња и луѓе за разлика од некастрираните мажјаци. Андрогените (машки) хормони, од кои тестостеронот е најважен, се одговорни за развојот на разни бихејвиорални проблеми. Кога малите кученца „им се качуваат“ на своите братчиња и сестричиња од леглото тоа е поради овие андрогени хормони. Степенот на намалување на агресивноста преку кастрација зависи од возраста кога кучето е кастрирано и карактерот на самото куче. Најдобар ефект се постигнува доколку операција е направена на возраст од 9-12 месеци.

 

* Намалено лутање

Друга придобивка од кастрацијата е тоа што кучињата нема да пробуваат да избегаат од дома, од дворот или да се отргнат од ланецот кога ќе „намирисаат“ женка спремна за парење. Мажјаците ги чувствуваат женките преку феромоните. Ова се хемиски привлекувачи кои се пренесуваат низ воздухот на голема далечина. Феромоните се многу ефективни стимуланси. Кастрираните кучиња кога ќе ги намирисаат овие хормони нема да реагираат на нив, нема да имаат дополнителен стрес дека не можат да одат кај женката и нема да пробуваат да избегаат од дома.

 

* Зголемена концентрација

Третата бихејвиорална придобивка од кастрацијата се забележува при тренирање или работење со кучето. Кастрирано куче е многу подобар ученик со многу повеќе способност за концентрација кога има женки околу него. Ова е поради тоа што нема да биде постојано расеан поради феромоните во воздухот.

 

 

МЕДИЦИНСКИ ПРИДОБИВКИ ОД КАСТРАЦИЈА

Медицинските придобивки од кастрацијата се многубројни и секако поважни за здравјето на вашето куче од бихејвиоралните. Да повториме, сите подолу набројани медицински проблеми се предизвикани од хормонот тестостерон.

 

* Тумори на тестисите

Постојат неколку различни типови на тумори, и бенигни и малигни, кои се јавуваат на тестисите. Како и со повеќето тумори, овие видови на тумори не се забележуваат додека кучето не достигне возраст од 5 години и повеќе. Овој ризик би се избегнал доколку кучињата се кастрираат на препорачаната возраст.

 

* Подобрување на генетиката

Сите ветеринари ќе се согласат дека кучињата кои носат генетски мутации или наследни особини како дисплазија на колковите или епилепсија треба да се кастрираат за да не можат овие особини да ги пренесат на потомството. Мора да се потрудиме да ги намалиме и елиминираме ваквите и слични состојби од идните легла.

 

* Намален ризик за хернија (кила)

Хернија претставува пробивање на орган или делови од орган низ ѕидот на шуплината која обично го чува тој орган. Перианалните хернии се јавуваат кога колонот, мочниот меур, простатата или масно ткиво ќе пробие од абдоминалната празнина низ мускулниот ѕид кај анусот и ќе се смести под кожата. Овој вид на хернија е многу чест кај стари некастрирани кучиња. Нивото на тестостерон и други хормони ги релаксираат и ослабнуваат мускулите околу анусот. Кога кучето се напрега за нужда или уринирање, овие мускули се кинат и абдоминалните органи и масното ткиво преминуваат под кожата. Кај расите на кучиња со кратко крзно оваа состојба се забележува веднаш, но кај кучињата со долго крзно ваквите состојби можат да не се забележат со месеци. Доколку се остави нетретирано, овие органи можат да се оштетат, да не можат да функционираат и да некротизираат поради намален доток на крв. Понатаму, поради самата локација на оваа хернија, кучето може да има проблеми со вршење нужда или уринирање и тоа може да доведе до запек или уринарни инконтиненции. Хируршкиот зафат за да се поправи оваа состојба не е одноставен и чини многу пари.

 

* Перианални тумори

Растот на овие тумори е стимулиран од хормонот тестостерон. Се јавуваат во близина на анусот и се наречени перианални аденоми (бенигни) или перианални аденокарциноми (малигни). Како и кај херниите, овие тумори не се појавуваат пред кучето да е околу 7 години старо. Потребно е хируршко отстранување и треба да се дијагностицираат многу рано. Појавата на овие тумори е многу многу ретка кај кучиња кастрирани на 9-12 месеци старост.  

 

* Проблеми со простата

Најчестиот медицински проблем кој се елиминира кај кучиња кои се кастрираат на препорачаната возраст ја вклучува простатата. Преку 80% од сите некастрирани кучиња развиваат заболување на простатата. Состојбите кои можат да се јават на простатата вклучуваат бенигни зголемувања, цисти и инфекции поврзани со присуството на тестостерон.

 

 

БИДЕТЕ ОДГОВОРНИ СОПСТВЕНИЦИ НА МАШКИ КУЧИЊА, КАСТРИРАЈТЕ ГИ!

 

Leave a Reply