Придобивки од кастрација и стерилизација на мачки

Стерилизација (или овариохистеректомија) и кастрација на мачките е хируршко отстранување на јајниците со матката и тестисите со цел да се контролира популацијата на мачки, здравствени придобивки, контрола на генетски болести и модификација на бихејвиорални проблеми. Стерилизација и кастрација на мачките се операции кои се прават секојдневно насекаде во светот.

Стерилизација претставува хируршко отстранување на внатрешните репродуктивни органи на мачката (јајници, јајцеводи, роговите на матката и дел од матката). Процедурата се изведува под целосна (општа) анестезија и е иста како онаа кај женските кучиња.
Се препорачува женските мачки да се стерилизираат најрано на возраст од 5-7 месеци или постари.

Кастрација претставува хируршко отсранување на тестисите на машките мачки. И оваа процедура се изведува по целосна анестезија но малку се разликува од таа кај машките кучиња. За разлика од кучињата, инцизијата преку која се отстрануваат тестисите се прави на скроталната вреќа наместо над неа и со тоа ја прави оваа процедура поедноставна и побрза (трае неколку минути). По отстранувањето на тестисите и подврзување на семеното јаже, скроталната вреќа не се шие и се остава сама да се затвори.
Се препорачува машките мачори да се кастрираат најрано на 6 месечна возраст. Всушност, се препорачува кастрацијата да не се прави пред физички да се оформи мачорот бидејќи ако се кастрира премногу млад постои ризик од недоволно развивање на уретерите и проблеми со инконтиненција и ФУС (мачји уринарен синдром) при кој доаѓа до блокада на уринарните патишта.

 

 

ПРИДОБИВКИ ОД СТЕРИЛИЗАЦИЈА И КАСТРАЦИЈА

1.) Превенција од несакани легла

Секоја година илјадници мачиња завршуваат на улица затоа што сопствениците на мачки (и женски и машки) не ги стерилизирале/кастрирале. Мачињата кои завршуваат на улица заболуваат од вирусни и бактериски заболувања, умираат од глад, пренесуваат болести и слично. Оние мачиња кои ќе ги преживеат тешките услови на улицата ќе пораснат во возрасни сексуално и репродуктивно способни мачки кои неколку пати годишно ќе имаат свои легла на мачиња кои повторно ќе бидат на улица. Дивите и улични мачки претставуваат голем ризик, тие во себе може да носат голем број на болести кои можат да бидат ризични за луѓето (беснило, глисти…) и за други животни (беснило, FIV, FeLV, FHV, паразити..), се борат со домашни животни и тоа резултира со рани, абсцеси и инфекции.

 

2.) Намалување на ризикот од пренесување на генетски болести

Одгледувањето на мачки не е само за создавање на нови мачиња туку за пренесувањето на одредени гени и генетски особини од една генерација на друга. Сопствениците и одгледувачите треба да ги стерилизираат женските мачки кои имаат особини во темпараментот или бојата кои не одговараат или се погрешни за таа раса на мачки, за да се намали ширењето на овие „дефекти“ на следните генерации. Женските мачки кои имаат наследни генетски болести или наследни деформитети треба да се стерилизираат за да се спречи ширењето на овие генетски болести на леглото. Примери за вакви болести се полицистични бубрези, амилоидоза…

 

3.) Контрола и терапија на болести на јајниците и матката

Тешко е да се добие некакво заболување на матката или јајниците ако нив ги нема. Раната стерилизација на мачките им помага во спречување на болести и состојби како: рак на матката, рак на јајници, полицистични јајници, метритис или ендометритис (сериозно воспаление на матката или ѕидот на матката), мукометра (матка полна со жлездена слуз), цистична ендометријална хиперплазија (големи цисти во ѕидот на матката кои водат кон пиометра), пиометра (инфекција на матката), ектопична бременост (надвор од матката), пролапс на матката (надвор од телото) и торзија на матката (извртување).

 

4.) Контрола и терапија на болести на тестисите

Кастрацијата го елиминира ризикот за развој на рак на тестисите. Кастрираните мажјаци престануваат да се тепаат со други мажјаци за женка и со тоа се намалува ризикот од сериозни повреди и инфекции како резултат на тепањето. Поради тоа што кастрираните мажјаци не се тепаат со други мачки се намалува и ризикот од заразување со FIV, FeLV и други болести.

 

5.) Бихејвиорални промени

Поради немањето на сексулани хормони и феромони, и женските и машките мачки нема повеќе да го имаат она специфично однесување пред парење со бегање од дома, гласно мјаукање и борби со други мачки. Поради ова тие ќе бидат помирни, без стрес и без никакви проблеми „дали ќе најдат партнер“.

Тука спаѓа и „маркирање на околината“ што особено е проблем кај мачките кои живеат половина дома-половина во двор па често се случува уринирање по мебелот со цел да ја обележат територијата со феромони кои потенцијалниот партнер треба да ги намириса и да дојде.

 

 

НЕДОСТАТОЦИ НА СТЕРИЛИЗАЦИЈА/КАСТРАЦИЈА

Единствениот недостаток на овие операции е тоа дека овие мачки стануваат склони кон депонирање на повеќе масти или дебелеење поради намаленото движење/трчање/тепање и зголеменото „уживање во животот“. Поради тоа е многу важно да обрнете внимание дали вашата мачка ќе го зголеми апетитот и доколку тоа се случи да и давате конкретни искалкулирани оброци за да имате увид колку изела. Препорачливо е откако ќе ја стерилизирате или кастрирате мачката да ја храните со храна која е специјално дизајнирана за тие мачки со цел да се спречи здебелувањето. Доколку сепак се здебели, ќе мора да биде на диета и да внесете повеќе физичка активност во нејзиниот/неговиот живот. Секоја мачка е индивидуална но не постои мачка која не сака да ја брка злобната црвена точка од ласерот 😊 Ова е еден начин да ја „трчате“ мачката од удобноста на вашата фотелја или кауч.

 

БИДЕТЕ ОДГОВОРНИ МАЧКОЉУПЦИ.
КАСТРИРАЈ/СТЕРИЛИЗИРАЈ!

 

 

Leave a Reply