Џардијаза (Giardia)

Џардијаза е цревна инфекција кај животните и луѓето предизвикана од протозоа, паразит Giardia duodenalis (познат и како G. intestinalis или G. lamblia).

Џардија е едноставен, едно-клеточен паразит (не е црв, бактерија или вирус). Постојат 7 генотипови, од А до Г, од кои кучињата најчесто ги закачуваат Ц и Д, а мачките Ф. Луѓето се заразуваат со А, Б и Ф. Овие паразити ги има насекаде во светот.

Џардијаза може да претставува многу важна причина за болни состојби, особено дијареа кај животните и луѓето. Најголем број од кучињата инфицирани со џардија нема да имаат дијареа или повраќање, а може да поминат без никакви симптоми.

Овој паразит има две форми. Нежна, хранителна форма наречена трофозоит која постои во цревата на инфицираното животно, и цврста циста која се исфрла со фецесот и може да шреживее со месеци во надворешната околина, особено во вода и влажни услови.

 

КАКО ЖИВОТНИТЕ СЕ ЗАРАЗУВААТ СО ЏАРДИЈА?

Кучињата и мачките се заразуваат со џардија со проголтување на паразитот додека е во фаза на циста. Кај приемчивите кучиња, откако цистата ќе стигне до цревата, минува низ фаза на трансформација за да стане трофозоит и се прикачува за цревниот ѕид за да се храни. Ако има доволен број на трофозоити ќе се појават клинички знаци за оштетување на цревниот ѕид. Трофозоитите се размножуваат со делење и некои од нив се трансформираат во форма на циста. По некое време, кучето ќе почне да ги исфрла цистите со фецесот. Кај кучињата времето потребно за исфрлање на цисти од првичната ингестија е 5 до 12 дена, а кај мачките 5 до 16 дена.

Овие цисти се спремни веднаш да инфицираат друго животно. Џардијазата се пренесува со душкање или јадење на цисти од инфицирана земја или пиење на инфицирана вода.
Кога ќе се пронајдат цисти на џардија во изметот на здраво возрасно куче без дијареа генерално се сметаат за транзиентни и незагрижувачки. Од друга страна, кај мали кученца и болни или стари возрасни кучиња може да предизвикаат сериозна водена дијареа која ако не се лекува може да биде фатална.
Појавата на џардијаза е особено голема во средини во кои има голем број на животни како одгледувачници, продавници за животни или шелтери.

 

КОИ СЕ СИМПТОМИТЕ?

Микроскопскиот паразит се прикачува за ѕидот на цревата и штетата која ја прави предизвикува акутна (се појавува наеднаш) дијареа со ужасен мирис. Изметот може да варира од мек до воденкаст, често има зеленкави примеси и најчесто содржи крв. Инфицираните кучиња имаат и поголема количина на слуз во изметот. Кај некои пациенти може да се јави и повраќање. Симптомите може да бидат присутни неколку недели и може да се јави постепено губење на телесната тежина.

Дијареата може да биде непостојана. Повеќето кучиња немаат покачена телесна температура но може да бидат помалку активни и летаргични. Болеста обично не е живото-загрозувачка освен ако имуниот систем на кучето е неразвиен или компромитиран. Многу кучиња и мачки ќе бидат асимптоматски преносители на овој паразит и никогаш нема да покажат знаци на болеста.

 

ДИЈАГНОЗА

Постојат неколку начини за дијагностика на овој паразит и сите вклучуваат примерок од фецес. Овој примерок мора да е свеж и да содржи дел со крвава слуз затоа што цистите се најчесто таму. Шансите за детекција на цистите во изметот се 70% што значи дека ако тестот е негативен дека вашиот миленик можеби сепак има џардијаза.
Тестовите се состојат од правење размаска и визуелно детектирање на цистите под микроскоп, брзи тестови при кои се детектира специфичен антиген или праќање на примерокот во референтна лабораторија. Многу ветеринари можат да направат прелиминарна дијагноза само од анамнезата и симптомите на пациентот.

ТЕРАПИЈА

Најчестите лекарства за терапија на џардијаза се фебендазол и метронидазол. Овие лекови се даваат од 3 до 10 дена, зависно како ќе реши вашиот ветеринар. Овие лекови може да се даваат и во комбинација. Во Македонија некои ветеринари практикуваат шема на терапија со 3 дена фебендазол и 7 дена метронидазол по што следи контролен тест после 2 недели од завршувањето со терапијата. Доколку животното е сериозно дехидрирано потребно е да се даде и потпорна терапија со флуиди и витамини и минерали. Некои пациенти ќе имаат потреба од домашно приготвена храна како варено пилешко месо, варен ориз, варен морков, супа, јогурт/кефир, урда, двопек, банана (без зачини).

Прогнозата е главно поволна освен ако се работи за геријатриски пациенти и/или со сериозно нарушено здравје.

ПРЕНЕСУВАЊЕ НА ЛУЃЕ

Џардијазата може да се пренесе од вашиот миленик на вас и затоа е многу важно да ја одржувате хигиената. Одржување на хигиената во домот и на миленикот е многу важна, а исто така и вашата лична хигиена.
За чистење на домот користете средства за чистење на база на варикина и потрудете се околината да биде што посува бидејќи цистите се осетливи на сушење.
Додека миленикот е под терапија и се додека не добиете негативен тест ограничете му го движењето и пробајте да нема контакт со други животни. Кучињата се поздравуваат со душкање на задникот каде на крзното скоро секогаш има закачени цисти кои другото куче може да ги проголта и да се инфицира.

 

 

Leave a Reply