Вирус на имунодефициенција кај мачки (FIV)

Мачјиот вирус на имунодефициенција (FIV) припаѓа на фамилијата ретровируси во групата Лентивирус. Лентивирусите обично полека предизвикуваат болест и на тој начин инфицираните мачки може со години да бидат здрави.

Кога веќе еднаш мачката ќе биде инфицирана со FIV таа инфекција ќе трае цел нејзин живот односно мачките не можат да го елиминираат вирусот од телото, и вирусот секогаш ќе биде присутен во плунката на мачката. Најчестиот начин за пренесување на овој вирус од една мачка на друга е преку гризнување, при што плунка во која го има вирусот влегува под кожата на нападнатата мачка. Вирусот сам не може да преживее во надворешната околина и лесно се уништува со обични средства за дезинфекција. Ретко, вирусот може да се пренесе со неагресивен контакт меѓу мачките како на пример меѓусебно лижење, од мајката на малите мачиња и преку трансфузија на крв.
Не се знае доволно дали вирусот може да се пренесува преку паразити кои цицаат крв (болви и крлежи) па затоа е препорачливо редовно ставање на ампули против надворешни паразити.

 

КАКО FIV ПРЕДИЗВИКУВА БОЛЕСТ?

Вирусот на имунодефициенција кај мачките ги напаѓа клетките на имуниот систем (белите крвни клетки, главно лимфоцитите). Вирусот може да ги уништи или оштети клетките кои ги инфицира, или да ја поремети нивната функција. Ова после одредено време предизвкува општо намалување на имунитетот кај мачките.

Во првите неколку недели по инфекцијата, вирусот се размножува и може да предизвика благи знаци на болест како покачена телесна температура и зголемени лимфни јазли. Обично овие знаци се толку слаби што најчесто поминуваат незабележани. По ова се јавува реакција на имуниот систем но таа реакција не го елиминира вирусот туку само ја одржува репликацијата на вирусот на реалитвно ниско ниво.

После некое време, кај некои инфицирани мачки повторно ќе се зголеми репликацијата на вирусот и обично овие мачки се оние кои развиваат клинички знаци на болеста. Во повеќето случаји ова се случува после 2-5 години откако мачката ќе биде инфицирана. Зголемената репликација на вирусот води до прогресивно оштетување на имуниот систем.

 

КЛИНИЧКИ ЗНАЦИ

На почетокот на инфекцијата рековме дека вирусот се наоѓа во лимфните јазли каде што се размножува во белите крвни клетки познати како Т-лимфоцити. Вирусот се шири и во другите лимфни јазли низ телото што резултира со општо зголемување на лимфните јазли кое обично е привремено и често пропратено со треска. Како што напоменавме погоре, оваа фаза може да помине незабележана.

Здравјето на инфицирана мачка може прогресивно да се влошува и да има периоди во кои е здрава и периоди во кои не е. Понекогаш можат да поминат години без никакво влошување на здравјето.

Лош квалитет на крзното и постојана покачена телесна температура во комбинација со намален апетит се чести знаци кај инфицирана мачка. Како многу чести симптоми гледаме воспаление на непцата (гингивитис) и устата (стоматитис), хронични повторувачки инфекции на кожата, очите, мочниот меур и горниот респираторен систем. Постојана дијареа може да биде проблем. Некои инфицирани мачки развиваат нервни напади, промени во однесувањето и други невролошки пореметувања.
Многу често се јавува бавно но прогресивно губење на килажата. Кај инфицираните мачки процентот на тумори и болести на крвта е зголемен.

 

ДИЈАГНОСТИКА

За да се дијагностицира FIV инфекција треба се земе примерок од крв и да се тестира за присуство на антитела против FIV вирусот. Овие антитела можат да се детектираат со ELISA (ензимски тест), Western Blot и IFA (имунофлуореснеција). За да биде тестот успешен треба мачката да има развиено имунска реакција на вирусот односно да има создадено антитела. Понекогаш ако прерано се тестира и мачката немала време да изреагира на инфекцијата или поради значителна имуносупресија може да се добие лажно негативен тест.
Во сите ветеринарни амбуланти има брзи тестови за оваа болест кои даваат резултати за десетина минути. Доколку вдомувате мачка од здружение или директно од улица препорачливо е да ја тестирате за FIV за да знаете понатаму како да се грижите за неа и на што да внимавате.

Инфицираните мачки ги пренесуваат антителата за FIV на малите мачиња преку цицањето, така што мачиња родени од инфицирана мачка можат да имаат позитивни резултати за FIV и неколку месеци по раѓањето а да не се всушност инфицирани. За да бидеме сигурни дали постои инфекција кај мачиња помлади од 6 месеци треба тестот да се повторува на секои 60 дена додека мачињата не се постари од 6 месеци.
Инфицираните мачки со FIV треба да се стерилизираат за да не го пренесуваат вирусот на потомството.

Вакцините против FIV предизвикуваат создавање на антитела кои е тешко да се разликуваат од оние кои се создаваат преку инфекција. Затоа е многу важно да се знае вакциналната историја на мачката ако е возможно за да се направи правилно читање на резултатите.

Негативен резултат покажува дека телото на мачката не создало антитела против FIV. Во повеќето случаји ова покажува дека мачката не е инфицирана. НО, обично е потребно 8 до 12 недели после инфекцијата за да се создадат доволно антитела во крвототкот, па така тестирања за време на овој интервал можат да дадат лажно негативни резултати. Поради тоа, мачки со негативен тест кои имале контакт со заразени мачки или мачки со непознат FIV статус треба да бидат повторно тестирани за 60 дена. Ова овозможува телото да создаде антитела ако е потребно.

ТЕРАПИЈА/МЕНАЏМЕНТ/ПРОГНОЗА

За жал, не постои лек за FIV. Многу е важно да се сфати дека е невозможно да се предвиди животниот век на мачка инфицирана со FIV. Овие мачки можат да живеат долги години и нормален удобен живот ако за нив се грижиме правилно. Ако заразена мачка преживее една или повеќе сериозни болести како резултат на инфекцијата, или ако има постојана треска и губење на телесната тежина прогнозата е лоша.

Мачките кои се инфицирани со FIV треба да се стерилизираат и кастрираат и генерално да живеат во затворен простор каде нема да имаат контакт со други мачки (за да не го шират вирусот) и каде нема да бидат изложени на други инфекции од други животни. Треба да се хранат со квалитетна избалансирана храна, а треба да се избегнува живо месо, јајца и непастеризирани млечни производи поради ризкот од инфекции од храната и паразити.

Препорачливо е на секои 6 месеци да се прави систематски преглед кај вашиот ветеринар кој ќе ги прегледа сите органски системи, а ако е се во ред барем еднаш годишно треба да се направи и  комплетна крвна слика со биохемија и анализа на урина.

ПРЕВЕНЦИЈА

Единствениот начин со сигурност да ја заштите мачката е да го избегнете изложувањето на вирусот. Угризните рани од мачките се главниот извор на инфекција па така чување на мачките внатре во домот подалеку од потенцијално инфицирани мачки кои можат да ги гризнат го намалува ризикот. Доколку живеете во дом со повеќе мачки или сте дел од шелтер за мачки се препорачува целосно одвојување на инфицираните од неинфицираните мачки.

Постојат вакцини против овој вирус и препорачливо е да се вакцинираат сите мачки за да се заштитат. Проблемот со оваа вакцина е дека не секоја мачка ќе биде 100% заштитена па затоа е многу важно да се намали изложеноста на вирусот без разлика на вакциналниот статус. Како што спомнавме погоре, вакцината ќе покаже позитивни резултати на тестовите за овој вирус па затоа е многу важно да разговарате со вашиот ветеринар дали баш на вашата мачка и е потребна оваа вакцина.

Иако овој вирус е многу сличен со човечкиот вирус на имунодефициенција ХИВ и предизвикува состојба кај мачките која е слична на сидата кај луѓето, не постои ризик за заразување бидејќи е видово специфичен вирус и ги имнфицира САМО мачките.

 

Leave a Reply