Пубертет кај кучињата

Во еден момент се прекрасни мали крзнени топки кои конечно сме ги научиле неколку трикови и како да не слушаат, а веќе следниот ден наеднаш почнуваат да се однесуваат како тинејџери. Зошто? Затоа што кучињата откако ќе наполнат 6 месеци, така наеднаш, преку ноќ, почнуваат да минуваат низ пубертет и да ги покажуваат сите хормонални промени во расположението. Потсетете се на вашите тинејџерски денови. Да, и кучињата минуваат низ истите промени. Може да се манифестира како вишок на енергија и трчање без престан низ домот, но може да се манифестира и со срамжливост 😊 Овие промени во расположението и однесувањето може и да траат една година, се додека кучето целосно не созрее сексуално. Промените во однесувањето зависат од индивудуалното куче повеќе отколку од расата.

 

ФИЗИЧКИ ПРОМЕНИ КАЈ АДОЛЕСЦЕНТНИ КУЧИЊА

Сексуалната зрелост кај кучињата се јавува на возраст од 6-9 месеци. Кај некои многу големи раси може да се јави и малку подоцна.
Почетокот на пубертетот ќе биде најлесно препознатлив кај машките кучиња. Машките кучиња ќе започнат на секој чекор да „маркираат“ со уринирање и ќе почнат да се „качуваат“ на други кучиња, по нозете на луѓе, па дури и на мебел.
Не е необично да забележите вир од урина направен од куче кое е научено да не уринира дома. Женките ја користат урината за да ги привлечат мажјаците, а мажјаците ја користат за да си ја обележат територијата како нивна. За време на адолесцентниот период, вакви тенденции можат да останат дури и по хируршка кастрација.

Потребата за гризење се јавува исто така од самиот преод од кученце во тинејџер и понекогаш тоа е првиот знак дека вашето куче ги менува млечните заби за трајни и созрева. Доколку не сте конзистентни со воспитувањето што смее а што не смее да гризе може да се изненадите еден ден кога ќе видите дека фали дел од каучот. Менувањето заби е многу иритантен процес за нив и гризат за да го намалт притисокот во непцата. Погрижете се да им набавите соодветни играчки за гризење направени од материјал за кучиња и се издржливи.

За време на овој период вашето куче ќе почне да се митари поинтензивно за да го смени своето бебешко крзно за соодветното возрасно крзно. Бидете поготвени да го чешлате секој ден доколку е со долго влакно и да ја користите правосмукалката повеќе од обично. 😊
Во ова време кучето ќе расте интензивно и може да се појави период на некоординација на сопствените нозе.

 

ЕСТРУС (МЕНСТРУАЛЕН ЦИКЛУС)

Нестерилизирана женка ќе го добие својот прв еструс (менструален циклус) на возраст од околу 8 месеци. Кучињата се диестрични животни што значи дека добиваат еструс два пати годишно. Малите раси на кучиња може да добијат еструс и 3 пати годишно, а огромните раси на секои 12-18 месеци. На почетокот циклусите може да бидат нерегуларни и потребно е да поминат околу две години за да се изрегулираат. Не постои конкретно време од годината за парење на домашните кучиња.
Целиот цоклус кај кучките се одвива во неколку фази:

1.) Проеструс

Проеструсот трае отприлика 9 дена со варијации од 3 до 17 дена. Забележано е дека неколку недели пред почетокот на проеструсот може да се јави зголемен апетит и кучката да стане потолерантна на мажјаци во нејзина близина. Веднаш пред почетокот на проеструсот може да стане нервозна и без апетит. Почетокот на проеструсот се обележува со појавата на серозно крвав исцедок од вулвата. За време на почетокот на проеструсот кучката ќе биде агресивна према мажјаците. Како што ќе се приближува крајот на проеструсот веќе нема да ги напаѓа мажјаците туку ќе стане недостапна со тоа што ќе седнува кога ќе и се приближат. За време на проеструсот, естрогенот кој се лачи од фоликулите во развој, кој почнува да се зголемува 3-4 недели пред да започне проеструсот, продолжува да се зголемува поради присуството на фоликулостимулирачкиот хормон (FSH) и лутеинизирачкиот хормон (LH).

Зголеменото присуство на естрогенот прави едем на вулвата (отекување). Отекувањето продолжува додека вулвата не е целосно зголемена и цврста. Изворот за крвавиот исцедок е матката. Крвните садови во ендометриумот се зголемуваат и издолжуваат па со вазодилатација и дијапедеза се јавува прток на крв од крвните садови во матката и надвор од неа. Исцедокот иако е крвав не треба да содржи коагулуми. Доколку има појава на коагулуми тоа треба да биде индикација за цисти на јајниците или други абнормалности во репродуктивниот тракт. Присуството на естрогенот предизвикува и зголемување на ендометријалните крипти и диференцијација на жлездените епителни клетки во целосно развиени секреторни клетки.

2.) Еструс

Еструсот обично трае 9 дена со варијации од 3 до 18 дена. Се смета дека нормалното времетраење на проеструс и еструс заедно е 21 ден. Знаците на еструс вклучуваат прифаќање на мажјакот со стоење со цврсто поставени задни нозе и високо крената опашка (или свртена настрана). Понекогаш некои кучки нема да ги покажат овие знаци иако ќе бидат спремни и во фаза на еструс па кај нив ќе биде малку потешко да се детектира правото време за парење. Повеќето кучки ќе бидат приемчиви за мажјак најрано 11 дена пред или најдоцна 8 дена после овулација. Едемот на вулвата се намалува брзо за време на еструсот па така вулвата ќе изгледа помала отколку во фазата на проеструс. Исцедокот од вулвата станува генерално серозен и по малку кафен по боја. Постојаното присуство на FSH и зголеменото присуство на LH предизвикува овулација 24 до 72 часа по највисокото ниво на лутеинизирачки хормон.

Напливот на LH се јавува во рок од 24 часа од почетокот на еструсот. Концентрациите на естроген почнуваат да опаѓаат а концентрациите на прогестерон да се зголемуваат побрзо отколку во проеструсот. Помладите кучки овулираат во рок од 24 часа од зголемувањето, а постарите малку подоцна. Кучката може да остане во еструс 7-8 дена по овулацијата иако функционално Corpus Luteum е присутно. Концентрациите на естроген се намалени неколку дена пред кучката да почне да одбива мажјаци. Зголемената концентрација на прогестерон и намалениот естроген ја прави кучката неактрактивна за мажјаците. Јајце-клетката не може да се оплоди за време на овулација. Потребни се 48 часа за јајце-клетката да созрее за да може да се оплоди.
Бременоста кај кучињата трае од 58 до 63 дена.

3.) Метеструс

Метеструс 1 трае околу 4 до 6 дена. Ова е времето од циклусот кога жолтото тело се формира. Кај кучките ова всушност се случува за време на еструсот и не е посебен период.

4.) Диеструс

Метеструс 2 трае околу 60 дена. Вагиналната цитологија се карактеризира со многу мало присуство на клетки и зголемено присуство на дебрис. Присутните клетки се парабазални клетки и леукоцити. Цитологијата на доцен диеструс и анеструс се идентични, освен ако кучката не развие псеудобременост. Друга уникатна карактеристика на кучките е тоа дека жолтото тело е функционално скоро исто време кај небремени како и кај бремени кучки. Нивото на прогестерон е највисоко околу 25 дена после овулација.

5.) Анеструс

Ова е периодот без репродуктивна активност. Има мала активност во матката која се регенерира од претходниот еструс, диеструс или бременост. Нема активност на јајниците се до крајот на анеструсот. Анеструсот трае отприлика 120 дена, со варијации од 60 до 200 дена.

* Мажјаците не искусуваат еструс како женките, тие се сексуално активни преку целата година, но се најплодни по 12-15 месеци старост.

 

ФИЗИЧКА АКТИВНОСТ

Кучињата во пубертет имаат потреба од многу физичка активност – трчање, играње, играчки и секако дружење со други кучиња и социјализација. Ако самите не можете да се справите со високите нивоа на енергија, договорете да оди во парк со други млади кучиња и да се истрча со нив.

Многу лесно може да се случи да бидете од оние сопственици кои постојано му велат „НЕ“ на кучето кога прави нешто што не ви се допаѓа. Наместо кажување „НЕ“, кога кучето ќе прави нешто што не ви се допаѓа, пример гризење на вашата патика, земете ја патиката и заменете ја со соодветна играчка. Доколку само кажувате „не“ и не му нудите алтернатива, нема да ве разбере и може да продолжи да ги прави работите кои ве лутат од инат. Вака ќе го научите кучето што е дозволено и како да не ве лути.

 

Доколку не сте спремни за легло кученца и сакате да го заштите вашето куче од несакани здравствени проблеми , доколку сакате карактерно да го подобрите вашето куче, прочитајте тука за стерилизација кај женките и тука за кастрација на мажјаците.

Leave a Reply