Брахицефаличен синдром

Одредени раси на кучиња се подложни на отежнато, опструктивно дишење поради формата на нивната глава, муцка и грло. Од оваа состојба патат најчесто кучињата кои припаѓаат на групата „брахицефалични“ раси на кучиња.
Терминот „БРАХИЦЕФАЛИЧНО“ означува „кратка глава“.
Примери за брахицефалични кучиња се Англиски Булдог, Француски Булдог, Мопс, Пекинезер, Бостон Териер, Боксер, Ласа Апсо, Ши Цу, Шар Пеј и др. Овие кучиња се одгледувани за да имаат релативно кратка муцка и нос и поради тоа грлото и дишните патишта кај овие кучиња се значително помали отколку нормално или сплескани. Персиските мачки исто така имаат брахицефаличен синдром.

Терминот „брахицефаличен синдром“ се однесува на комбинација од: продолжено меко непце, стенотични (стеснети) ноздри и извртени ларингеални сакули. Сите овие состојби се присутни кај горе наведените раси.

Продолжено меко непце е состојба каде мекото непце е толку долго што неговиот врв влегува во дишниот канал и попречува во движењето на воздухот кон белите дробови.

Стеснети ноздри се деформирани носни патишта кои се многу тесни или кои колабираат навнатре за време на инхалација што го прави отежнато дишењето на нос.

Извртени ларингеални сакули е состојба во која ткиво од дишните патишта, веднаш пред гласните жици, влегува во трахеата (дишникот) и парцијално го попречува протокот на воздух.

Некои кучиња со брахицефаличен синдром може да имаат и стеснета трахеа, колапс на ларинксот или парализа на рскавиците на ларинксот.

 

 

СИМПТОМИ

Кучињата со продолжено меко непце главно имаат историја со гласно дишење, особено на вдишување. Некои кучиња може да се дават на голтање. Нетолеранција на вежбање, цијаноза (син јазик или непца како резултат на премалку кислород), понекогаш колабираат особено после поголема физичка активност, возбуда или при висока температура на воздухот и влажност.
Зголемена телесна тежина ќе го зголеми проблемот со дишењето.
Многу кучиња со продолжено меко непце сакаат да спијат на грб за да да им биде полесно дишењето.
Симптомите за стеснети ноздри и извртени ларингеални сакули се слични.

 

 

ДИЈАГНОЗА

Стеснетите ноздри можат многу лесно да се дијагностицираат со општ физички преглед. Дефинитивна дијагноза за продолжено меко непце и евертирани ларингеални сакули може да се направи само под општа анестезија. Главно, брахицефаличните кучиња имаат дебел јазик кој отежнува во визуелизација на ларинксот кога животното е будно. Обидите да се задржи животното мирно за да се прегледа додека е будно обично е неуспешно. Под анестезија, продолженото меко непце се издолжува преку врвот на епиглотисот (влезот на дишникот). Кај тешки случаји, непцето влегува дури и внатре во отворот на ларинксот. Врвот на мекото непце  и рабовите на ларинксот често се воспалени (потечени и црвени). Кај хронични случаји, рскавиците на ларинксот стануваат нефлексибилни и почнуваат да колабираат и се повеќе да го стеснуваат дишникот.
Евертираните ларингеални сакули изгледаат како сино-сиви структури од меко ткиво кои влегуваат во дишникот веднаш пред гласните жици.
Препорачливо е да се направи и рентген на градниот кош на вашиот миленик за да се виде каква е состојбата на долните дишни патишта и белите дробови.

 

 

ТЕРАПИЈА

Абнормалности на мекото непце треба да бидат терапирани доколку му прават потешкотии во дишењето на вашето милениче, доколку станат посериозни со време или доколку дојде до живото-загрозувачка опструкција. Доколку вашето милениче се дави, кашла, има проблем со физичка активност или потешкотии во дишењето, неопходно ќе биде да се направи ресекција на мекото непце.
Стафилектомија (ресекција на мекото непце) се прави под општа анестезија, со хируршки скалпел, ножици или ласер. Непцето се издолжува и вишокот на ткиво се отстранува.

Ако ларингеалните сакули се извртени, тие може да бидат отстранети во исто време додека се прави ресекцијата на мекото непце, или да се остават и да се чека да се вратат во понормална позиција.
Корекција на стеснети ноздри помага да се олесни дишењето преку нос. Ова исто така се прави хируршки и најчесто во исто време со мекото непце.

 

 

ПОСТ-ОПЕРАТИВНА НЕГА

Веднаш по операцијата милениците мора да бидат под постојан мониторинг. Значајно воспаление или крварење може да се јави и да ги блокира дишните патишта и со тоа да го направи дишењето отежнато или невозможно. Некогаш потребно е да се постави тубус директно во трахеата преку инцизија на вратот (привремена трахеостомија) се додека не се намали доволно воспалението за миленикот да може да дише сам.

Милениците обично остануваат 24 часа во ветеринарната клиника за мониторинг. Пост-оперативно кашлање и давење е нормално. Кај хронични случаји кај кои ларингеалните рскавици биле нефлексибилни, вадење на продолженото меко непце и ларингеалните сакули може да не придонесе за подобрување. Правење на ново перманентно отворање на трахеата во пределот на вратот (перманентна трахеостомија) може да е единственото решение, но постојат компликации и со оваа процедура.

Прогнозата е добра кај млади животни. Тие генерално дишат многу полесно и со значајно намалено оптеретување на респираторниот систем. Нивното ниво на физичка активност може значително да се подобри.
Постари животни немаат така позитивна прогноза, особено ако веќе почнал процесот на колапс на ларинксот.

Leave a Reply