Пнеумонија кај мачките

Пнеумонија е воспаление на белите дробови и дишните патишта кое предизвикува потешкотии во дишењето и намалување на дотокот на кислород во крвта. Постојат многу можни причини за пнеумонија. Најчестиот причинител на пнеумонија е вирусна инфекција на долниот респираторен тракт; микоплазми и др. Мачјиот калицивирус прави оштетување на дишните патишта и го прави животното подложно на пнеумонија со секоја следна инфекција.

Паразитарна инфестација на бронхите може да резултира со пнеумонија. Кај мачките често се јавува и габична пнеумонија. Повреда на мукозните мембрани на бронхијалните патишта и инхалација на иритантни супстанци може веднаш да предизвика пнеумонија, исто како и да ја направи мачката подложна на бактериски инфекции.
Аспирациона пнеумонија може да се јави од постојано повраќање, хранење со сила или несоодветно давање на лекарства. Може да се јави и кај новородени мачиња со расцепено тврдо непце додека цицаат.

 

СИМПТОМИ

Знаците на пнеумонија вклучуваат:

– летаргија
– намален апетит
– длабоко кашлање
– отежнато дишење
– „дување“ на устата
– сини мукозни мембрани (внатре во устата би биле најлесно видливи доколку немаат црн пигмент)
– мало покачување на телесната температура

ДИЈАГНОЗА

Дијагнозата обично вклучува комбинација од соодветна анамнеза (никогаш не кријте ништо од вашиот ветеринар, секој симптом што сте го забележале е многу важен), физички преглед и соодветни тестирања (крвна слика и сл.)
Во подоцнежните фази на пнеумонија, густината во белите дробови може да се забележи на рентген слика.
Бронхијална лаважа се применува за подетално да се дијагностицира причинителот на пнеумонијата.

ТЕРАПИЈА

Животните со пнеумонија имаат подобрување од топла, сува средина. Доколку мачката покажува сини мукозни мембрани вашиот ветеринар ќе вклучи и кислород во терапијата. Антимикробната терапија ќе зависи од дијагностиката на причинителот на пнеумонијата.
Можно е мачката да треба да се прегледува често во текот на одреден период, вклучително и повторувачки рентген снимки, за да се следи подобрувањето или влошувањето на состојбата, да се пази дали има дополнителни заболувања или компликации.

 

 

АСПИРАЦИОНА ПНЕУМОНИЈА

Аспирациона пнеумонија е инфекција на белите дробови предизвикана од инхалација на страно тело. Сериозноста на воспалението зависи од материјалот кој е инхалиран и неговата дистрибуција низ белите дробови.
Честа причина за аспирациона пнеумонија е погрешно давање на лекови во течна форма. Животните кои вдишуваат додека повраќаат или кои пробуваат да јадат или пијат додека се делумно задавени имаат ризик од аспирациона пнеумонија. Мачки со потешкотии во нормалниот механизам на голтање, анестезирани или коматозни пациенти, мачки со деформитети како расцепено тврдо непце имаат ризик од аспирациона пнеумонија.
Мачките се особено подложни на аспирациона пнеумонија кога им се даваат продукти без вкус како на пример минерални масла.

Анамнеза дека е можна инхалација на страно тело е многу важен чекор за дијагностика на аспирациона пнеумонија. Знаците вклучуваат отежнато дишење, забрзан срцев ритам и треска. Другите знаци можат да покажуваат сини мукозни мембрани и грчеви на дишните патишта. Може да се почуствува здив кој е благ и необичен кој се интензивира со прогресирањето на воспалението. Ова обично е придружено со исцедок од носот кој обично е црвено-кафен или зелен. Понекогаш, докази за инхалираната супстанца може да се видат во носниот исцедок или искашлокот.

Како и со сите болни состојби, превенција е секогаш подобра од терапија. Ова важи особено во случајот на аспирациона пнеумонија бидејќи прогнозата е слаба дури и со терапија. Стапката на смртност е висока и животните кои ќе се излечат често развиваат абсцеси на белите дробови. Ако се знае дека мачката вдишала некаква супстанца, обично се препишуваат антибиотици со широк спектар без да се чека да се појават знаци на пнеумонија. Негата и потпорната терапија се исти како и кај сите други видови на пнеумонија.

 

 

ПНЕУМОНИЈА ПРЕДИЗВИКАНА ОД ХЛАМИДИЈА

Бактеријата Chlamydiae е идентификувана како причинител на пнеумонија кај мачките. Овој вид на пнеумонија кај мачките обично се јавува заедно со хламидијален коњуктивитис и ринитис. Хламидијалната пнеумонија е предизвикана од Chlamydophila psittaci.
Терапијата се состои од давање на соодветна антибиотска терапија која ќе ја одреди вашиот ветеринар.

ГАБИЧНА ПНЕУМОНИЈА

Габична пнеумонија (позната и како микотична пнеумонија) е габична инфекција на белите дробови која води до развој на пнеумонија. Голем број на габи е докажано дека предизвикуваат габична пнеумонија кај домашните животни. Често, овие габи се наоѓаат кај животни кои имаат ослабен имунитет, но може да предизвикаат болест и кај здрави животни.
Изворот на повеќето габични инфекции се смета дека е вдишување на спори од почвата.

Кај мачките, најчесто габата Cryptococcus се населува во носната празнина каде предизвикува воспаление на слузокожата на носот и синусите. Влажна кашлица е карактеристичен симптом на оваа болест, но и густ исцедок од носот. Како што се развива болеста се јавуваат потешкотии во дишењето, слабеење и генерализирана телесна слабост. Воспаление на лимфните јазли може да предизвика притискање на дишните патишта што го прави дишењето многу отежнато. Може да се јави зголемена телесна температура, најчесто поради секундарна бактериска инфекција.

Еден од начините да се дијагностицира габична пнеумонија е со претпоставка доколку мачката ги има симптомите подолг временски период и не реагира на антибиотска терапија (антибиотици не делуваат на габични инфекции). Дефинтивна дијагноза се поставува по правење на соодветни лабораториски тестови и рентген снимки.

За лечење на габична пнеумонија се користат антимикотици (лекови против габични инфекции). Оваа терапија трае многу долго, понекогаш неколку месеци, дури и откако симптомите ќе исчезнат. Габичните инфекции се многу тешки за лечење. Затоа е многу важно да ги следите инструкциите од вашиот ветеринар и да не ги прекинувате лекарставата пред време.

 

Leave a Reply