Проблеми со шепите кај кучињата – 10 ситуации на кои треба да обрнете внимание и како да се справите

Здравствената состојба на шепите на кучињата е нешто за кое треба постојано да сме во тек. Шепите се константно во контакт со подот и земјата, па затоа е особено важно да бидат целосно здрави. Шепите можат да ги изложат кучињата на инфекции ако имаат отворени рани или да бидат болни и да не можат да газат доколку има други проблеми.

Кучињата можат да имаат многу различни проблеми со шепите, од едноставни како премногу крзно до далеку покомплицирани како габични инфекции. Многу е важно да ги прегледувате шепите на вашето куче секој ден (заедно со нивните очи, уши и заби) па доколку се јави некаков проблем да го фатите на време.

 

  1. ГАБИЧНА ИНФЕКЦИЈА

Габичните инфекции се најчест тип на инфекции кај кучињата. Габите се постојано присутни на шепите на кучето, но понекогаш имуниот систем ќе биде компромитиран и ќе се наруши балансот па габите ќе се мултиплицираат доволно за да предизвикаат проблем. Овие инфекции се најчесто секундарни на алергии. Алергијата предизвикува чешање на шепите, што прави кучето да ги лиже шепите. Топлата, влажна средина која што ја прави лижењето овозможува габичките да се намножат и да предизвикаат габична инфекција.

СИМПТОМИ:
– постојано лижење
– црвени корени на ноктите
– розово крзно (реакција на плунката на кучето)
– чешање
– исцедок

ТЕРАПИЈА:

Постојат различни препарати за третирање на габични инфекции. Откако вашиот ветеринар ќе го прегледа целосно кучето и ќе утврди дека дефинитивно се работи за габична инфекција ќе ви препорача употреба на антигабични масти, антигабични шампони и слично.
Во прилог на третирање на габичната инфекција, ветеринарот ќе препорача терапија и за основната состојба која довела до избивање на инфекција. Доколку се работи за алергии, терапијата би се состоела од антихистаминици, кортикостероиди и лекови/масти против чешање.

 

  1. БАКТЕРИСКА ИНФЕКЦИЈА

И бактериите се исто така нормален дел од микрофлората на шепите на вашето куче. Исто како и габите, бактериите можат да се претворат во бактериски инфекции поради секундарни здравствени проблеми како што се алергии.

СИМПТОМИ:
– постојано лижење
– црвенило
– оток
– чешање
– болка
– абсцеси

ТЕРАПИЈА:

Мал примерок од ткиво би бил потребен за да може дефинитивно да се утврди за која бактерија се работи. По добиената дијагноза, вашиот ветеринар ќе ви препише некоја од следниве терапии:
– орални или топикални антибиотици
– антибактериски шампон
– антибактериски преврски

 

 

  1. ОТКОРНАТИ НОКТИ

Откорнати нокти е еден од најчестите проблеми со шепите кај кучињата. Откорнати нокти се резултат на играње или борење со други кучиња, или закачување на ноктот на тепих, ограда или слично. Најдобар начин за превенција е да се одржуваат ноктите исечени на соодветна должина.
Доколку се случи вашето куче да си откорне нокт, веднаш однесете го на ветеринар. Ветеринарот ќе го исече ноктот соодветно, ќе го запре крварењето доколку го има и ќе ви препише антибиотици за да се спречи инфекција. Доколку е потребно, ветеринарот ќе ви препише и лекови против болка.

 

  1. СРАСНАТИ НОКТИ

Слично како кај откорнатите нокти, сраснатите нокти се предизвикани од преголемата должина на ноктите. Ова се случува кога ноктите стануваат предолги и се виткаат околу себе и почнуваат да се вкопуваат во перничето под ноктот.

ТЕРАПИЈА:

Терапијата за сраснати нокти се состои од неколку чекори:
– седација
– сечење на ноктот најкратко што може
– доколку е премногу сраснат со перничето од шепата, може да е потребно хируршко отстранување
– антибиотици и аналгетици

 

 

  1. ИЗГОРЕНИЦИ

Верувале или не, најголемиот број на изгореници на шепите на кучињата се случуваат додека кучето го прави тоа што најмногу го сака – шетање. Летното Сонце на асфалт може да предизвика екстремно врела површина. Повеќето сопственици на кучиња не размислуваат за температурата на асфалтот кога ги шетаат своите кучиња во лето. За да се спречат изгореници на шепите, ограничете го шетањето рано наутро или доцна навечер, секогаш под сенка и избегнувајте асфалт. Доколку забележите изгореници на шепите на вашето куче, најчестата терапија е антибиотик, аналегтик и превивање на изгорениот дел.

 

  1. СМРЗНАТИНИ

Смрзнатина е всушност изгореница предзвикана од ладно. Исто како и изгорениците, смрзнатините настануваат додека ги шетаме кучињата кога е преладно или земјата е замрзната. Најдобар начин да се спречат смрзнатини е да се ограничи времето поминато надвор на екстремно ниски температури. Доколку кучето дозволува, облекување на чизмички. Ако кучето се здобие со смрзнатини на шепите, терапијата се состои од превивање на шепите, аналгетици и антибиотици.

 

 

  1. КРЛЕЖИ

Друг чест проблем кај шепите на кучињата се крлежите. Крлежите ја обожуваат темната, топла средина помеѓу прстите на кучињата. Доколку забележите крлеж кај вашето куче и не сте сигурни како безбедно да го извадите, однесете го кучето на ветеринар. Секогаш е подобро обучени професионалци да го извадат крлежот, бидејќи ако главата од крлежот остане внатре може да доведе до инфекција.
За да спречите ваква ситуација, секога редовно заштитувајте го вашето куче од надворешни паразити.

 

  1. ГРИНИ

Грините се грозен проблем за шепите на кучињата, особено ако се работи за Demodex canis. Овие грини се голем проблем бидејќи е многу тешко да се ослободиме од нив. Тие живеат во фоликулот на влакното, каде што се размножуваат и ги предизвикуваат сите проблеми.

СИМПТОМИ:
– оток
– паѓање на крзното
– перутање
– болка

ТЕРАПИЈА:

Дури и самата дијагностика на овие грини е болна, бидејќи е потребно да се земе длабок огребок од пределот помеѓу прстите за да може да се погледне под микроскоп и да се потврди присуството на грини. Доколку се потврди дијагнозата дека се работи за демодикоза, терапијата генерално се состои од комбинација на:
– апчиња за намалување на отокот и болката
– медицински шампон за да се уништат грините

Терапирањето може да трае и неколку месеци.

 

  1. ПРЕМНОГУ ВЛАКНЕСТИ ШЕПИ

Доколку шепите на вашето куче имаат премногу крзно тие стануваат магнет за ѓубре. Премногу крзно помеѓу прстите може да собере се од мастики, свеж асфалт и многу други работи кои ќе се впикаат помеѓу прстите. Овие ѓубренца можат да бидат тешки за детектирање и болни за вадење.
Кај кучињата со кратко крзно, премногу крзно помеѓу прстите може да доведе до сраснати влакна што може да се претвори во инфекција на фоликулот на влакното, што потоа може да води до абсцес.

Најдобар начин да се спречи ова е да се одржува крзното на шепите кратко.

 

  1. ТРЕВКИ И ДРВЦА ПОМЕЃУ ПРСТИТЕ

Ова е еден од најболните проблеми со шепите кај кучињата. Доколку го шетате вашето куче по паркови, високи треви, шуми и слично, погрижете се после секое шетање да му ги прегледате сите шепи помеѓу прстите за присуство на забодени тревки или дрвца. Доколку вакви тревки се забодат помеѓу прстите, тие прават канал и одат само напред, не можат да се вратат назад.

СИМПТОМИ:
– постојано лижење
– црвенило
– оток
– болка
– кривење или штедење на таа нога
– абсцес

ТЕРАПИЈА:

Доколку забележите некој од горенаведените симптоми, однесете го кучето на ветеринар. Овие тревки се тешки за вадење и понекогаш ќе треба прво да се препише антибиотска терапија за да се ограничи инфекцијата во шепата, а потоа со седација да се извади тревката/дрвцето.

 

Leave a Reply