Доколку чувате домашно милениче, без разлика дали се работи за куче или мачка, од витално значење е да можете да ги препознаете предупредувачките знаци кои укажуваат на рак.
Ракот е една од главните причини за смртност кај домашните миленици, и неговата рана детекција и третирање е од круцијално значење ако сакаме позитивна завршница.
Доколку знаете како да ги препознаете овие предупредувачки знаци, ќе можете на време да го однесете вашето милениче на преглед кај вашиот ветеринар.

 

1. Неприродни отоци кои не се повлекуваат или постојано растат

Ракот се карактеризира со неконтролирано растење на клетките. Кога на некое место ќе има повеќе од доволно клетки (повеќе од еден милион), тогаш туморот станува доволно голем за да може да се види на дијагностички тестирања, со големина од околу 5 милиметри во дијаметар.
Отоци кои настануваат од физичка повреда, убод или угриз од инсект, или инфекција, обично се повлекуваат и намалуваат после неколку дена. Туморите имаат тенденција да растат постојано, со тоа што брзината на растење се намалува како што туморот станува поголем.
Доколку забележите топче, оток, или некаква неприродна маса на вашето куче или мачка, треба да го однесете на ветеринар за да се провери тој оток од каква природа е.
За овие потреби се прави биопсија, со која што се утврдува дали се работи за рак или нешто друго.
Формата, големината, изгледот и текстурата не можат да послужат за разликување на рак од други заболувања.

 

  1. Рани кои не зараснуваат

Некои типови на рак на кожата можат визуелно да изгледаат како мали ранички. Разликата е тоа што ракот не зараснува за недела или две. Карциномот од сквамозни клетки на абдоминалната кожа кај бели кучиња е еден пример за рак кој изгледа како рана која не зараснува. Овој карцином кај мачките може да се забележи како рани и гребаници на носот и очните капаци кои не зараснуваат. Најчесто сопствениците мислат дека овие рани се само гребаници. Треба да се направи биопсија за да се одреди со сигурност дали се работи за рак.

 

  1. Губење на тежина

Во овој случај зборуваме за необјасниво губење на тежина. Ова најчесто се случува кај постари кучиња и мачки кои одеднаш почнале да губат тежина додека храната ја конзумираат нормално како и секогаш. Понекогаш, ракот се манифестира со метаболички промени кај милениците, па така ракот троши многу енергија која резултира со намалување на телесната тежина.

 

 

  1. Губење на апетитот

Кучињата и мачките кои имаат рак може да го изгубат апетитот поради повеќе причини. Понекогаш ракот може да предизвикува блокада во цревата, може да постои болка која е директно поврзана со ракот, но може да направи и промена во функцијата на црниот дроб и бубрезите. Губењето на апетитот може да доведе и до намалување на телесната тежина.

 

  1. Крварење или исцедок од телесните отвори

Некои тумори се познати по тоа дека предизвикуваат крварење или појава на исцедок. Некои од примерите се крварење од нос или исцедок кај тумори кои се наоѓаат во носните патишта или синусите, како

што и крвав исцедок од уво може да биде знак за тумор длабоко во ушниот канал. Кучињата и мачките кои имаат колоректален тумор може понекогаш да крварат од анусот или да имаат крвав измет. Женските кучиња со тумори во матката (ако не се стерилизирани), уретра, мочниот меур, или вагината може да имаат симптоми како вагинален исцедок.
Некои сопственици забележуваат крвава плунка или крвави играчки кога се работи за тумори во устата. Доколку забележите било кој од овие знаци, веднаш однесете го миленичето кај вашиот ветеринар.

 

  1. Лош мирис

Некои миленици кои имаат рак развиваат лош мирис. Ова најчесто е поради големи тумори кои имаат некротично (мртво) ткиво, или при тумори кај кои се развила секундарна бактериска инфекција. Ова најчесто може да се забележи кај кучиња и мачки со тумори на устата. Други видови тумори кои може да имаат специфичен лош мирис се тумори на вулвата или големи инфицирани саркоми.
На овој принцип на промена на мирисот, функционира и детекцијата на пациенти со тумори со кучиња душкачи.

 

  1. Потешкотии во јадењето или голтањето

Многу видови на тумори им отежнуваат на кучињата и мачките да ја џвакаат и/или да ја голтаат храната. Туморите на устата може да ги разлабават забите или да ја зафатат и коската па така да предизвикаат болка. Системски тумори, како лимфоми, или тумори кои метастазирале во лимфните јазли на вратот (вклучувајќи ги и крајниците) може да предизвикаат потешкотии во голтањето. Ова понатаму ќе води до намалување на телесната тежина.

 

  1. Неможност за физичка активност или губење на енергијата

Некои тумори ги зафаќаат белите дробови и со тоа го отежнуваат нормалното дишење кај кучињата и мачките. Иако може да дишат нормално додека одмораат, станува отежнато дишењето доколку треба да трчаат или да се искачуваат по скали. Сопствениците на кучиња може ова да го забележат како побавно одење на прошетките, одбивање на трчање по топче и слични намалувања во дневната активност. Карциномите кои предизвикуваат анемија ќе развијат слични клинички симптоми. Ова може да биде малку тешко да се забележи кај мачки.

 

  1. Постојана летаргија или вкочанетост

Ова е уште еден симптом кој тешко се открива. Туморите често се јавуваат кај постари мачки и кучиња, во времето од нивните животи кога веќе имаат артритис и болки во скелетниот систем. Доколку имате постаро милениче со вакви симптоми, се препорачува да се направи рентген снимка на вкочанетиот зглоб за да се утврди дали се работи за артритис или рак на коската.

 

  1. Отежнато дишење, уринирање или дефекација

Во оваа категорија е сместено се останато. Отежнато дишење може да се поврзе со тумори на носните патишта, фаринксот, ларинксот или белите дробови. Отежнато дишење може да биде и последица на анемија предизвикана од крварење на тумор на слезената. Отежнато уринирање може да укажува на тумори во мочниот меур или уретрата. Отежната дефекација може да биде знак за тумори во дебелото црево, но и тумори на простата кај машки кучиња, тумори на аналните жлезди и туморите кои ги вклучуваат лимфните јазли во пелвичната регија може да се манифестираат како отежната дефекација.

 

Многу од овие знаци можат да се појават и како симптоми на разни други болести. Поради тоа, доколку забележите некоја од овие промени кај вашето милениче, веднаш однесете го на преглед кај вашиот ветеринар. 

Leave a Reply