Примарна епилепсија или позната и како идиопатска/спонтана/од непознато потекло, се дијагностицира кај околу 5% од кучињата и половина процент од мачките. Се дефинира како повторувачки напади со недефинирана структурна причина. Обично се појавуваат на возраст од 6 месеци до 6 години. Кај кучињата кои развиваат епилепсија над 6 годишна возраст има огромни шанси да има конкретна причина позади нападите па затоа тука се нарекува секундарна епилепсија. При секундарната епилепсија, отстранувањето на болеста или причинителот што ја предизвикува ја лекува епилепсија.
Кај мачките се јавува кај половина процент и обично на возраст од една до осум години.
КАКО ДА ГИ ПРЕПОЗНАЕТЕ ЗНАЦИТЕ?
Понекогаш грчење или мрдање за време на спиење може погрешно да се протолкува како напад. Многу е важно да се препознаат одредени промени во однесувањето како гадење, барање внимание, проблем со видот или криење кои можат да се јават пред или после напад. Неретко животните се онесвестуваат и не реагираат на звуци или визуелни промени додека траат нападите. Додека трае нападот можно е да прават движења со нозете како да пливаат, да уринираат или извршат нужда. Кучињата и мачките кои патат од примарна/идиопатска епилепсија можат да се однесуваат сосема нормално помеѓу епилептичните епизоди. Доколку се случат повеќе напади во еден ден или нападот трае повеќе од 5 минути треба да се смета за итен случај и веднаш да се однесе кај ветеринар кој има искуство со епилепсија.
ТЕСТИРАЊА
Доколку не сте сигурни дали вашето милениче имало епилептичен напад или не препорачливо е да го снимите со вашиот телефон за време на следниот напад за да можете да му го покажете на вашиот ветеринар.
Посигурен тест кој може да се направи е електроенцефалограм (ЕЕГ). За потребите на овој тест се поставуваат електроди на главата на миленичето и се мониторира активноста на мозокот.
За време на дијагностицирањето на епилепсија, вашиот ветеринар ќе ја земе во предвид возраста на животното и ќе направи општ физички и невролошки преглед заедно со комплетна крвна слика, биохемиски профил и анализа на урина.
Доколку резултатите не се убедливи препорачливо е да се направи магнетна резонанца.
За жал, во Македонија во овој момент не постои дијагностика со ЕЕГ и магнетна резонанца за домашни миленици.
Абнормалности во било кој од тестовите може да сугерира на некоја состојба која има ефект врз нервниот систем и ги предизвикува епилептичните напади.
ТЕРАПИЈА
Не постои лек за епилепсија, но затоа постојат медикаменти кои имаат за цел контрола на нападите и симптомите, намалување на фрекфенцијата на нападите и нивната јачина. Може да се случи да треба да пробате неколку различни видови на лекови пред да го најдете оној кој правилно и соодветно делува на вашиот миленик. Откако ќе го најдете, делувањето на тој лек значајно ќе ја намали фрекфенцијата на нападите. Доколку вашето куче или мачка има 2 или повеќе напади во период од 8 недели или нападите траат повеќе од 5 минути тогаш дефинитивно мора да прима соодветна терапија.
Постојат различни видови на лекови кои се користат за контрола на нападите, најпознати се фенобарбитон, калиум бромид, зонисамид и леветирацетам. За секој од овие лекови постојат несакани ефекти и треба да се дискутираат со ветеринар кој ќе ја надгледува терапијата на вашиот миленик.
Повеќе од 80% од кучињата дијагностицирани со епилепсија ќе имаат потреба од терапија. Некои од пациентите дури и со соодветна терапија и понатаму ќе имаат напади но поблаги.
Соодветен мониторинг на терапијата е од особено значење кога се грижите за епилептично милениче. Ова ќе му овозможи на вашиот ветеринар да ја модифицира дозата доколку е потребно за да ја максимизира контролата на нападите и да ги минимизира несаканите ефекти. Неадекватен мониторинг е една од главните причини за неуспешно терапирање на епилепсија кај кучињата и мачките.
Во поново време многу често како опција за контрола на нападите се употребува масло од канабис. Познато е дека канабиноидите од канабисот имаат смирувачки ефект врз нервниот систем и токму во вакви случаји на епилепсија имаат позитивен ефект. Доколку вашето милениче поради некоја причина не може да прима од класичните медикаменти, консултирајте се со вашиот ветеринар дали е соодветен кандидат за масло од канабис.
ГРИЖА ЗА МИЛЕНИК СО ЕПИЛЕПСИЈА
Не е лесно да се грижите за миленик кој има епилепсија но не заборавајте дека на вашето куче или мачка му е потешко. Особено во моментите пред и после напад кога е дезориентирано и не знае каде се наоѓа, не знае што се случило и зошто уринирало на подот. Имајте разбирање и поддршка за нив и погрижете се да ги примаат сите лекарства во пропишаната доза и на време. Доколку не се терапира, нападите можат да предизвикаат повреди и оштетување на мозокот, а дури и смрт.