Секој ден читаме и слушаме за огромниот број на кученца и мачиња кои се раѓаат и се оставени на улица, за кои е тешко да се најде дом и дека проблемот со преголемиот број на бездомни животни е огромен. Основниот заклучок од ова е дека треба да го намалиме бројот на животни кои ќе бидат сексуално активни и ќе се репродуцираат.
Најдобриот начин да се осигураме дека некоја кучка или мачка нема да раѓа е со стерилизација, односно оперативен зафат стручно наречен овариохистеректомија наменет за спречување на репродуктивниот нагон и способноста за раѓање. Стерилизацијата и кастрацијата е важна и за здравјето на животното со тоа што всушност им се продолжува животот.
Да се има легло на кученца или мачиња може да делува забавно. Некои луѓе веруваат дека ова помага на кучката или мачката, на некој начин, да се исполни себеси и да биде подобар миленик. Ова не е точно. Останување гравидна (трудна) и имање на кученца/мачиња на ниеден начин не и помага на мајката да го зголеми нивото на зрелост, ниту физички ниту ментално. Во повеќето случаји, луѓето имаат проблем да им најдат дом на кученцата, без разлика дали се вдомуваат или продаваат. Понатаму, не секоја бременост поминува без проблеми. Постои ризик за проблеми при пораѓањето, смртност на кученцата, потенцијални здравствени проблеми за мајката како инфекции на матката и млечните жлезди.
ЖЕНСКИОТ РЕПРОДУКТИВЕН ТРАКТ
Репродуктивниот тракт на женското куче започнува со јајниците каде што се продуцираат јајце-клетките. Кога ќе се роди женско кученце, сите јајце-клетки кои ќе бидат испуштени од јајниците во текот на нејзиниот живот веќе се присутни. Тие се во незрела форма и потребно им е дополнително развивање за да достигнат фаза кога би можеле да бидат оплодени. Кога менструалниот циклус започнува, хормони го стимулираат зреењето на неколку јајце-клетки. Потоа, тие јајце-клетки се испуштени низ површината на јајникот и патуваат низ јајцеводите. Јајцеводите се мали цевчиња кои ги поврзуваат јајниците со роговите на матката. Оплодувањето на јајце-клетката се случува во јајцеводите. Роговите на матката се мускулниот дел од матката помеѓу јајцеводите и телото на матката. Роговите на матката кај кучињата можат да варираат во должина и дијаметар. Кога животното е во менструален циклус, дебелината на роговите се дуплира и можат малку да се издолжат. Роговите на матката се закачени за телото на матката, простор каде двата рога се сретнуваат. Матката завршува со цервиксот. За време на бременоста, кученцата се развиваат во роговите на матката, но може да се случи по едно да има и во телото на матката.
АПЧИЊА ЗА КОНТРАЦЕПЦИЈА
Постојат апчиња за контрацепција и медикаменти креирани специјално за употреба само кај кучињата. Повеќето од овие продукти кои се даваат орално имаат сериозни несакани ефекти, скапи се, и најчесто не можат да се употребуваат подолг временски период. Поради тоа, не ги препорачуваме.
ХИРУРШКА СТЕРИЛИЗАЦИЈА
Со оглед на тоа дека апчињата за контрацепција кај кучињата не се посакувана опција и не се трајна форма на стерилизација, единствената опција е хируршка стерилизација. Кај женските единки, ова ќе биде овариохистеректомија (остранување на целосниот репродуктивен тракт), хистеректомија (отстранување на матката), овариотомија (отстранување на јајниците) и подврзување на јајниците (ова не се практикува многу често, во Македонија воопшто). Ова се различни оперативни зафати и сите би спречиле идни бремености ако се извршат правилно. Само овариохистеректомијата треба да биде земена во предвид за долготрајносто здравје на вашето куче.
ОВАРИОХИСТЕРЕКТОМИЈА
Овариохистеректомија, или стерилизација, не треба да се смета за едноставна хируршка процедура. Се смета за абдоминална хирургија и сите ветеринари ќе се согласдат дека не постои „рутинска операција“ поради тоа што секоја операција е различна и носи свој ризик. Разликите варираат од анатомските разлики на јајниците и матката, недијагностицирани бремености или пиометра, физиолошките разлики помеѓу пациентите, и различното делување на анестезијата кај секој од нив. Некои ветеринари одбиваат да стерилизираат животни кои се во текот на менструален циклус затоа што за тоа време крвните садови се зголемени и пренесуваат повеќе крв, а со тоа и ризикот за нивно кинење и искрварување е огромно. Ова се случува почесто кај кучиња отколку кај мачки.
Стерилизациите се изведуваат под општа (целосна) анестезија и строги стерилни услови. Стерилните услови се состојат од спремање на пациентот и хируршкото поле стерилно, ставање на стерилна крпа врз пациентот со отвор само кај хируршкото поле, и припрема на хирургот со стерилизирана облека, ракавици и инструменти. Употреба на маска за лице и капа за коса е исто така пракса. Постојат различни типови на медикаменти кои се користат за вовед во анестезијата и за одржување на истата. Откако животното ќе биде анестезирано, се поставува на грб на хируршката маса, стомакот се бричи и се чисти да биде стерилно.
Се прави инцизија (сечење) на абдоменот под папокот. Должината на инцизијата ќе зависи од искуството и техниката на хирургот, и од големината и поставеноста/достапноста на органите. Се подврзува прво секој јајник па се отсекува а на крај се сошива и сече матката во близина на цервиксот. Животните кои претходно имаат родено барем еднаш имаат пофлексибилни јајцеводи и матка. Должината на инцизијата не треба да биде мерило за квалитетот на операцијата.
Откако ќе биде отстранет репродуктивниот тракт следува затворање на инцизијата. Се шие во неколку слоеви и каков ќе биде последниот слој зависи од практиката на самиот ветеринар. Може да биде со поткожни конци кои се апсорптивни и не треба да се вадат, а може да бидат и неапсорптивни па да треба да се вадат после 10-14 дена ако раната е добра и нема дополнителни компликации.
Најчестите компликации после ваква операција вклучуваат крварење, инфекција, отворање на абдоминалната инцизија, неотстранување целосно на јајниците (животното и понатаму покажува знаци на менструален циклус), проблеми поврзани со анестезијата и по грешка подврзување на уретерите што би резултирано со проблеми и блокади при мокрење.
ЗДРАВСТВЕНИ ПРИДОБИВКИ ОД СТЕРИЛИЗАЦИЈА
* Тумор на млечните жлезди
Естрогенот е еден од главните причинители на тумор на млечна жлезда кај кучињата, а овој тумор е најчестиот малиген тумор кај кучињата. Животните кои се стерилизарани пред да наполнат 1 година многу ретко го развиваат овој тумор. Стерилизација на кучката пред појавата на првиот менструален циклус е најдобриот начин значајно да се намали ризикот од појава на тумор на млечната жлезда.
* Тумор на репродуктивниот тракт
Со стерилизација целосно се елиминира можноста за појава и развој на тумори на јајниците, јајцеводите, роговите на матката или матката.
* Инфекции на матката
Многу женски кучиња имаат проблем со тешка болест на матката наречена ПИОМЕТРА. Со појавата на пиометра, малечка матка може да тежи и до 5 килограми и да биде исполнета целосно со гној. Доколку не се дијагностицира на време оваа состојаба завршува со смрт. Терапијата за оваа состојба бара или употреба на скапа хормонална терапија или итна овариохистеректомија која самата носи ризик поради состојбата на репродуктивниот тракт. Пиометрата може да има ефект и на бубрезите и срцето и да има доживотни проблеми дури и по отстранувањето на инфицираната матка.
Затоа е многу важна стерилизацијата на кучките.
* Лажна бременост
Некои кучки не успеваат да го завршат менструалниот циклус прописно и развиваат состојба која ја нарекуваме „лажна бременост“. Во овие случаји, иако кучката не се спарила со мажјак, нејзиното тело верува дека е бремена поради хормонално пореметување. Може да се јави потекување на стомакот и/или зголемување на млечните жлезди. Во некои случаји тие ќе направат гнездо, ќе изберат омилена играчка и ќе се однесуваат како таа играчка да им е бебе. Може да се појави маститис (инфекција на млечната жлезда), метритис (инфекција на матката) но може и да прогресира во пиометра. Се препорачува стерилизација на кучки кои појавуваат лажна бременост.
* Проблеми со крзното
Кај кучињата, крзното не расте цело време како кај луѓето, туку има фаза на растење (анагена фаза) и фаза на одмор (телогена фаза). Естрогенот, кој се зголемува за време на еструсот, ја успорува или стопира анагената фаза па така поголем дел од крзното е во телогена фаза. Во ваков случај може да дојде до опаѓање на крзното бидејќи влакното не е толку цврсто. Кај кучињата кај кои се јавува овој проблем може да пројдат и 2 до 4 месеци пред крзното да порасне назад откако ќе се стабилизираат хормоните. Постојат женки кои никогаш не развиваат нормално крзно и нивното крзно е секогаш тенко и кршливо и опаднато на страничните делови од телото, и многу често ова може погрешно да се дијагностицира со хипотиреоидизам.
Единствениот лек за овој проблем е стерилизација.
БИДЕТЕ ОДГОВОРНИ СОПСТВЕНИЦИ НА ЖЕНСКИ КУЧИЊА, СТЕРИЛИЗИРАЈТЕ ГИ 🙂
One thought on “Придобивки од стерилизација кај кучињата”