Парвовироза

Парвовирозата е една од најстрашните болести која може да го снајде вашето кученце.
Многу заразна, отпорна и тешка за лечење. Најважно е да го заштитите вашето кученце со примање на првите три вакцини.
Доколку не го вакцинирате вашето кученце го ризикувате неговиот живот.

Но, ајде прво да видиме што точно е парво.

Кучешкиот парвовирус ( Canine parvovirus CPV ) е високо заразна вирусна болест која предизвикува акутно гастроинтестинално заболување кај младите кучиња.
Овој вирус најчесто ги напаѓа кученцата на возраст од 6 до 20 недели, но и постари кучиња можат да бидат инфицирани.
Овој вирус може да опстои во скоро секаква околина но не секое куче кое ќе дојде во контакт со вирусот ќе биде инфицирано. Ова не значи дека треба да ризикуваме.

Откако кученцето ќе дојде во контакт со вирусот и ќе биде инфицирано, следи период на инкубација кој трае 3-7 дена пред појавата на првите симптоми.
За успешно да се реплицира и да предизвика болест, вирусот има потреба од клетки кои имаат брза делба и поради тоа најчесто прво ги напаѓа крајниците или лимфните јазли на вратот. Откако ќе навлезе во лимфните јазли, вирусот ги напаѓа лимфоцитите (тип на бели крвни клетки) еден или два дена за кое време прави многу копии од себеси. Овие новосоздадени вирусчиња навлегуваат во лимфоцитите и патуваат со нив низ крвотокот заштитени од одбраната на домаќинот (кученцето). Многу од овие заразени лимфоцити се уништени поради што циркулирачките лимфоцити се намалени и се јавува симптом наречен лимфопенија.
Откако ќе навлезе во крвотокот, вирусот повторно таргетира клетки способни за брза делба, па така ја напаѓа коскената срцевина и клетките кои ги обложуват тенките црева.
Кај многу млади кутриња, парвовирусот може да го инфицира и срцето што води до воспаление на срцевиот мускул и аритмии.
Во коскената срцевина, вирусот ги ослабнува одбрамбените механизми на телото со тоа што ги уништува младите имуни клетки и го намалува бројот на заштитните бели крвни клетки. Ова го прави многу полесно инвадирањето на гастроинтестиналниот систем каде се јавува најголемата штета.

Парвовирусот го таргетира епителот на тенките црева, односно нивната покривна обвивка, обвивката која помага да се апсорбираат сите нутритивни материи и водата и прави круцијална бариера меѓу цревните бактерии и телото. Вирусот ги напаѓа новите епителни клетки и ја спречува способноста на телото да ја замени цревната површина.
Иницијалниот резултат од ова е страшна дијареа. По некое време, цревната површина станува толку оштетена што почнува да се распаѓа и бактериите кои нормално живеат во цревата го пенетрираат цревниот ѕид и влегуваат во крвотокот. Ова предизвикува огромно губење на течности поради дијареата и генерализирана инфекција.

Кои се симптомите кои вие ќе ги забележите кај вашето кученце?
– летаргија
– депресија
– намален или целосно изгубен апетит
– нагло покачување на телесната температура
– повраќање
– дијареа (крвава)

Како вашиот ветеринар ќе ја дијагностицира оваа болест? 
Најчестиот и најбрз начин да се потврди сомнежот дека кученцето има парво е да се направи брз тест, односно ELISA тест со фецес. Овој тест работи на сличен принцип како домашните тестови за бременост и дава резултати за неколку минути. За да се направи овој тест ќе треба да му однесете на ветеринарот примерок од дијареата на кученцето.

Друг начин за потврдување на оваа болест е PCR односно полимераза верижна реакција. Во овој случај дури и најмалите делови на ДНК од вирусот се умножуваат за да се даде краен резултат. Ова е најчесто скапа опција за дијагностика кај нас.
Најчесто дијагностиката се базира на општа крвна слика и бројот на белите крвни клетки, вкупните симптоми и состојбата на кученцето.

Шансите кученцето да се спаси и да ја преживее инфекцијата од парво вирусот зависи од тоа во кој стадиум на инфекцијата ќе почнеме со терапија. Многу е важно кај младите кученца да не ги занемаруваме раните знаци на инфекција. Значи, наместо да чекате дијареата сама да се повлече, веднаш штом забележите дека има некаква промена во изметот однесето го кученцето на ветеринар. Колку порано се почне со потпорна терапија, толку поголеми се шансите кученцето да преживее. Оваа потпорна терапија ќе трае подолго време, што значи бидете спремни да го носите секој ден кај ветеринарот или доколку ветеринарната станица има услови, да го оставите кученцето на болничко лекување. Ова потпорна терапија ќе се состои од интравенска инфузија за замена на изгубените течности од дијареата, витамини и минерали, лекарства за смирување на желудникот и цревата и секако антибиотик најчесто со широк спектар за борба со оние цревни бактерии кои навлегле во крвотокот и предизвикале сепса.

Многу е важно да направите целосна дезинфекција на домот пред да го вратите излеченото кученце дома. Можеби вашето кученце немало инцидент на дијареа во домот но сепак имало ширење на вирусот. Вирусните честички се способни да преживеат со месеци надвор од животното дури и за време на зимата и се отпорни на повеќето средства за чистење на домот. Доколку имате повеќе кучиња дома, изолирајте ги болните од здравите. Од сите средства за чистење, овој вирус најлесно се инактивира со варикина. Направете раствор од 1:30 на варикина со вода и темелно исчистете го домот. Темелно чистење на подовите, теписите и покуќнината е многу важно. Не употребувајте варикина за чистење на тревници. Доколку дел од вашата облекла дошла во допир со дијареа, најдобро фрлете ја.

ЕДИНСТВЕНИОТ НАЧИН ДА ГО ЗАШТИТИТЕ ВАШЕТО КУЧЕ ОД ОВОЈ ВИРУС Е СО ВАКЦИНА!

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *