Вакцини

Пристигнавме дома со новото кутре ?

Но, не смееме да не бидеме сериозни иако е преслатко и сакаме само да го галиме, гушкаме и гњавиме.
Ние ветеринарите препорачуваме веднаш штом ќе го земете новото кутре да го однесете на еден ветеринарен преглед за да се провери дека се е во ред.
На овој преглед ветеринарот ќе го прегледа срцето на кутрето со стетоскоп дали е во рамките на нормалната фрекфенција и ритам, ќе го слушне како дише и дали е тоа дишење нормално, ќе му ја измери телесната температура ( без паники кога ќе ви каже дека е 39-39.5, тоа е нормално за младо кутре ? ),
ќе го прегледа за надворешни паразити како болви, вошки и крлежи, ќе му ги прегледа острите млечни запчиња и ќе го прегледа мускуло-скелетниот систем. Овој преглед не трае долго и е многу важно да одржите позитивна енергија во прегледната соба за вашето кутре да не се плаши следниот пат кога ќе дојде на преглед.

По прегледот вашиот ветеринар ќе ви предложи да се прочисти кутрето од внатрешни паразити без разлика дали одгледувачот ви кажал дека веќе е „прочистено“. Апчето против внатрешни паразити се дава орално и се дозира според килажата на кутрето. Доколку кутрето има глисти тоа ќе се види во следните неколку нужди. Или ќе бидат долги црвци како шпагети или ситни јајциња како зрна ориз. Доколку забележите глисти за три дена се препорачува уште едно прочистување. По оваа дупла доза, вашето кутре е прочистено. Додека не достигне 6 месечна возраст треба да го прочистувате од внатрешни паразити секој месец. По наполнувањето на 6 месеци, оваа обврска ќе ја имате на секои 3 месеци. Да напоменам дека дозирањето е според килажата на кучето. Доколку не сте сигурни колку кила има и колкав дел од апчето треба да дадете, најдобро е да отидете кај ветеринарот и тој/таа да го даде апчето. Во секоја ветеринарна амбуланта има вага за животни и во секој момент можат прецизно да го измерат и соодветно да го дозираат.

Првата вакцина кутрето треба да ја прими откако ќе наполни 40 дена. Во ова време обично кутрето е сè уште со мајката односно кај одгледувачот. Доколку кутрето има примено една или две вакцини пред да го земете осигурајте се одгледувачот да ви даде здравствена книшка на кутрето каде се залепени соодветните сериски броеви на вакцините за вашиот ветеринар да има предвид кои вакцини се примени.

Многу е важно да се знае дека додека вашето кутре не ги прими сите 3 вакцини НЕ СМЕЕТЕ да го изнесувате надвор или да го мешате со други животни. Вашето кутре треба прво да го изгради својот имунитет пред да трча слободно во парк.

Во Македонија, се вакцинира на принципот „вакцина-ревакцина-појачување на ревакцина“.
Секоја од овие вакцини се дава на 21 ден една од друга.

Првата вакцина, или puppy вакцина го имунизира вашето кутре од двете најстрашни болести кои можат да го инфицираат на оваа возраст, а тоа се Парво Вирус и Штенечак. Оваа вакцина кутрето треба да ја прими кога ќе биде на 4-6 недели старост. Вакцината се става поткожно и не боли ?

Следната вакцина која вашето кутре треба да ја прими за 21 ден е вакцина која е тровалентна или петовалентна што значи дека во себе содржи умртвени или ослабени вирусни честички од три или пет болести.
Овие болести се парво вирусот, штенечак, аденовирус тип-1 кој предизвикува заразен хепатит кај кучињата, коронавирус кој го напаѓа гастроинтестиналниот систем и параинфлуенца вирус кој го напаѓа респираторниот систем.
Во Македонија, моментално на пазарот нема вакцина за корона вирус.

( Повеќе за сите овие болести во наредните неколку постови ? )

Откако ќе ја прими втората вакцина, за 21 ден кутрето треба да ја прими и последната, 3та вакцина односно појачувањето на втората. Со оваа вакцина, ветеринарите во Македонија, можат да решат да го вакцинираат кутрето за уште една болест, а тоа е Лептоспироза која може да има многу генерализирани симптоми но најчесто ги афектира бубрезите. Оваа болест е зооноза што значи дека може да се пренесе од вашето куче на вас.Доколку не се примат заедно овие две вакцини, ќе треба да ја прими посебно.

Откако завршивме со првата тура вакцини, вашиот ветеринар ќе ве информира дека треба да се прави годишна ревакцинација, односно секоја година да доаѓате на ист датум да го вакцинирате повторно вашето куче за овие болести. Во здравствената книшка на вашето куче ќе биде запишана датата кога треба да дојдете повторно.

По примањето на третата вакцина вашето куче може слободно да шета и да се дружи со други здрави кучиња ?

Вакцините се изработени со умртвени или ослабени честички од вирусот против кој вакцинираме и нивната задача е да предизвикаат одбрамбен одговор од организмот без да предизвикаат болест. Со овој одбрамбен одговор се создаваат антитела кои понатаму чекаат спремни за веднаш да се борат ако кучето дојде во контакт со жив вирус. 
Зависно од државата, поднебјето, болестите против кои се вакцинира и производителот, тие можат да имаат активно дејство од 6 месеци до 3 години. Во Македонија вакцините се со времетраење од 12 месеци и затоа се ревакцинира секоја година на ист датум. Ова важи и за поливалентните вакцини и вакцините за беснило. 

Вакцината за беснило вашето куче може да ја прими најрано на 4 месечна возраст. Јас лично препорачувам да наполни барем 6 месеци ?
Оваа вакцина се прима еднаш (за разлика од претходните кои се во тројка) и подлежи на истиот принцип на годишна ревакцинација.
Вакцината за беснило влегува во „Матична книга на вакцинирани кучиња“ и во електронскиот систем на вакцинации на Агенцијата за Храна и Ветеринарство (АХВ).
АХВ има издадено наредба дека сите кучиња и мачки кои примаат вакцина за беснило мора да имаат микрочип. Доколку немаат микрочип од претходно, законска обврска е во ист ден со вакцината за беснило да се стави и микрочип.

Микрочипот е потребен и доколку планирате некогаш да патувате со вашето куче или мачка.
Овој микрочип се инјектира во рамениот предел (лево или десно) и содржи идентификациски број кој внесен во електронскиот систем на АХВ ги содржи вашите податоци како име и презиме, адреса на живеење, телефонски број и опис на кучето. Овој микрочип служи за идентификација и доколку вашето куче се изгуби и некој го најде и донесе во ветеринарна амбуланта ќе можат да видат кој е сопственикот и да ви се јават.
Микрочипот не функционира како GPS уред.

                        

Прочистивме од внатрешни паразити и вакциниравме, супер. Останува уште секако заштитата од надворешни паразити.
За заштита од надворешни паразити како болви, вошки, крлежи, комарци, песочни муви и слично има плејада на производи. Дали ќе ставите ампула, апче или каивче зависи од вас.
Времетраењето на овие производи е обично од 2 до 7 месеци со тоа што секогаш во пикот на сезоната на овие бубачки траат пократко.
Многу е важно пред нанесувањето на ампула или каивче кучето да не е бањато три дена претходно и откако ќе ја ставите ампулата барем три дена после тоа. Кај каивчињата е многу важно да не се топат со вода бидејќи го губат дејството што значи ако шетате на дожд извадете го.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *