Алергија кај кучиња

Исто како и кај луѓето, алергија кај кучињата може да се појави кога нивниот имунолошки систем погрешно ги препознава секојдневните супстанци (алергени) како закана. Овие алергени, иако обично се безопасни за повеќето животни, кај кучињата со алергии предизвикуваат интензивни реакции.

Алергените можат да навлезат во организмот преку инхалација, варење или директен контакт со кожата. Ова предизвикува кожни иритации, дигестивни нарушувања или респираторни проблеми. Симптомите се појавуваат како резултат на обидот на телото да се ослободи од овие супстанци, што може да доведе до чешање, воспаление, кивање или дигестивни тегоби.

ГЛАВНИ СИМПТОМИ НА АЛЕРГИЈА:

  • Црвена, влажна или сува кожа која чеша
  • Зачестено чешање
  • Насолзени очи
  • Чешање на грбот или на коренот на опашката (најчесто при алергија на болви)
  • Чешање и инфекција на ушите
  • Кивање
  • Повраќање
  • Дијареа
  • Хрчење поради воспаление на грлото
  • Потечени перничиња на шепите и нивно гризење
  • Постојано лижење

Алергичните кучиња можат да страдаат и од секундарни бактериски и габични инфекции. Овие можат да предизвикаат опаѓање на крзното, првут и красти на кожата.

Секое куче може да развие алергија во било кој период од неговиот живот. Сепак, алергиските реакции се забележани дека се најчести кај расите на Териери, Сетери, Ретривери и брахицефаличните раси како Мопс, Булдог и Бостон Териери.

itchy dog biting its tail

Куче со видливи знаци на алергија

КОИ СЕ НАЈЧЕСТИ АЛЕРГЕНИ?

  • Дрва, трева и полен
  • Спорови на мувла
  • Прашина и домашни прашински грини
  • Првут
  • Пердуви
  • Чад од цигари
  • Состојки во храната (пр. говедско, пилешко, свинско, пченка, пченица или соја)
  • Лекарства
  • Болви и продукти за превенција на болви
  • Парфеми
  • Средства за чистење
  • Ткаенини
  • Инсектицидни шампони
  • Гумени и пластични материјали

АЛЕРГИЈА НА ХРАНА

Кучињата можат да бидат алергични и на храна, но често е потребно да бидеме детективи за да откриеме точно на која супстанца се алергични.

Кучињата со алергија на храна интензивно се чешаат, имаат хронична инфекција на ушите и понекогаш гастроинтестинални проблеми како дијареа или повраќање. За да го откриете виновникот, потребно е да направите диета со елиминација.

Ова значи постепено отстранување на по една состојка од оброците сè додека не забележите подобрување. Ако се работи за комерцијална храна, можеби ќе треба целосно да го смените брендот.

Доколку реакцијата се случи при првото давање, сменете ја храната веднаш. Ако кучето е навикнато на храната, менувајте ја постепено во текот на една недела за да избегнете стомачни проблеми. На пример, ако вашето куче е алергично на пилешко, избегнувајте сите производи со пилешки протеин или масти.

Алергија на храна може да се појави на било која возраст.

Ако се сомневате на алергија, веднаш посетете ветеринар. По детално опишување на симптомите, ветеринарот може да ја утврди причината или да препорача тестирања на крвта или кожата. Во Македонија сè уште не се достапни стандардни кожни (интрадермални) алерго тестови.

ТЕРАПИЈА

Најдобриот начин за лекување на алергија е отстранување на алергенот од околината на кучето.

  • При алергија на болви, фокусирајте се на превенција. Заштитете го кучето пред сезоната на болви и консултирајте се со ветеринар за најдобар производ.
  • Ако причината е прашина, чистете го креветчето на кучето неделно и домот со правосмукалка барем двапати неделно (вклучувајќи теписи и завеси).
  • Капењето еднаш неделно може да го намали чешањето и да ги отстрани алергените од кожата. Прашајте го ветеринарот за соодветен медицински шампон.
  • За алергија на храна, направете диета со елиминација. Откако ветеринарот ќе ја утврди причината, може да препорача хипоалергена храна или домашно готвена исхрана.

Кога алергенот не може да се отстрани, ветеринарот може да предложи терапија со лекови:

  • Антихистаминици (само со одобрение на ветеринар, делуваат кај мал процент кучиња)
  • Суплементи со аминокиселини за обнова на кожата и намалување на чешањето
  • Лекарства за подобрување на имунитетот за ублажување на симптомите

cytopoint инјекција која се коритсти за терапија на алергија кај кучиња

Cytopoint инјекција за терапија на алергии

Доколку сакате да прочитате како да го подобрите имунитетот на вашето куче, кликнете тука.

Leave a Comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Scroll to Top