Тромбикулоза (Trombicula autumnalis)

Тромбикулоза е тип на шуга предизвикана од надворешен паразит во фаза на ларва од фамилијата Trombiculidae, наречен (Neo)Trombicula autumnalis. Возрасните единки и нимфите изгледаат како мали пајачиња и живеат во предели каде има распаѓање на дрво и друг материјал (шуми, паркови, големи дворови и сл.).Кучињата и мачките се заразуваат со ларвите од овој паразит со лежење и играње на вакви места или само со шетање во шуми каде има дрва во распаѓање.

 

 

Овие паразити се многу мали и невидливи со голо око и имаат портокалово-црвена боја. Доколку дојдат во допир тие ги напаѓаат кучињата, мачките, луѓето и локалните глодари. За разлика од другите кожни паразити, возрасната единка на тромбикулот не живее на домаќинот (кучето или мачката) туку ја преферира околината која е топла и влажна и соодветна за положување јајца. Овие јајца потоа се развиваат во ларви кои го инфестираат и гризат домаќинот. Овие ларви се хранат со мртви клетки од кожата 2 до 3 дена а потоа паѓаат од домаќинот и созреваат во возрасни единки во околината.

 

 

Најголем број на инфестации со овој паразит може да се забележи во периодот на доцно лето и есен, особено во тревасти предели поради топлата и влажна клима. Во потоплите предели оваа инфестација се случува преку целата година.

 

 

СИМПТОМИ КОИ ВИЕ ЌЕ ГИ ЗАБЕЛЕЖИТЕ:

– интензивно чешање
– красти и првут на ограничени места на телото (базата на главата, под вратот, под пазувите, препоните, ушите)
– портокалови крастави формации (ларвите се со портокалова боја)
– црвенило
– опаѓање на влакното

 

 

Дијагнозата се поставува на база на симптомите и деталната анамнеза. Многу е важно да му кажете на вашиот ветеринар доколку сте шетале со вашето милениче во шуми или големи паркови (на Водно) во последните недели. Вашиот ветеринар ќе земе примерок од портокаловите красти и ќе ги погледне под микроскоп. Дијагнозата со сигурност ќе ја постави кога ќе ги визуелизира ларвите на Trombicula autumnalis.

 

 

Лечењето е долго и исцрпувачко како и со секој друг надворешен паразит. За почеток треба да се направи механичко отстранување на видливата инфестација од вашиот миленик, апликација на фипронил спреј и потоа медицинско капење со амитраз. Многу е важно да бидете доследни на препораките на вашиот ветеринар за употребата на овие инсектициди. Во случај да нема веќе видливи портокалови красти, можноста да има јајца во развој на крзното на вашето милениче е голема. Употреба на ивермектин топикално покажало успех во елиминација на паразитот.

 

 

Превенција од овој паразит се состои од редовна заштита на вашиот миленик со употреба на ампули/каивчиња против надворешни паразити и избегнување на отворени шумни предели во ова време од годината.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *