Алергија кај кучињата

Исто како кај луѓето, кучињата покажуваат алергиски симптоми кога нивниот имун систем ги препознава секојдневните супстанци (алергени) како опасни. Иако овие алергени се нормално присутни во околината и безопасни за повеќето животни, куче со алергија би имало екстремно јака реакција на нив. Алергените можат да бидат проблематични кога се ихалирани, проголтани или кога ќе дојдат во контакт со кожата на кучето. Како што неговото тело ќе проба да се ослободи од овие алергени ќе се појават различни кожни, дигестивни или респираторни симптоми.

 

 

 

ГЛАВНИ СИМПТОМИ НА АЛЕРГИЈА:

– црвена, влажна или сува кожа која чеша
– зачестено чешање
– насолзени очи
– чешање на грбот или на коренот на опашката (најчесто при алергија на болви)
– чешање и инфекција на ушите
– кивање
– повраќање
– дијареа
– хрчење поради воспаление на грлото
– потечени перничиња на шепите и нивно гризење
– постојано лижење

Алергичните кучиња можат да страдаат и од секундарни бактериски и габични инфекции кои можат да предизвикаат опаѓање на крзното, првут и красти на кожата.

Секое куче може да развие алергија во било кој период од неговиот живот, но алергиските реакции се забележани дека се најчести кај расите на Териери, Сетери, Ретривери и брахицефаличните раси како Мопс, Булдог и Бостон Териери.

 

 

 

КОИ СЕ НАЈЧЕСТИ АЛЕРГЕНИ?

– дрва, трева и полен
– спори на мувла
– прашина и домашни прашински грини
– првут
– пердуви
– чад од цигари
– состојки во храната (пр. говедско, пилешко, свинско, пченка, пченица или соја)
– лекарства
– болви и продукти за превенција на болви
– парфеми
– средства за чистење
– ткаенини
– инсектицидни шампони
– гумени и пластични материјали

 

 

 

АЛЕРГИЈА НА ХРАНА

Кучињата можат да бидат алергични и на храна но најчесто е потребно да бидеме детективи за да откриеме точно на која супстанца се алергични.

Кучињата кои имаат алергија на храна ќе се чешаат интензивно, ќе имаат хронична инфекција на ушите и понекогаш гастроинтестинални проблеми како дијареа или повраќање. За да одредите на што точно реагира вашето куче ќе треба да направите диета со елиминација. Секој ден ќе отстранувате по една состојка од оброците кои му ги давате се додека не видите позитивна реакција. Доколку се работи за комерцијална храна на која што има алергиска реакција ќе треба целосно да го смените брендот. Доколку реакцијата се случила на првото давање сменете ја веднаш, доколку кучето е навикнато на таа храна ќе мора да ја менувате постепено во текот на една недела за да избегнете дополнителни проблеми со желудникот и цревата. Пример, доколку вашето куче покаже алергија на пилешко, ќе мора да ги избегнувате сите храни и продукти кои содржат пилешки протеин или пилешки масти во нив.
Алергија на храна кај кучињата може да се појави на било која возраст.

Доколку се сомневате дека вашето куче има алергиска реакција на нешто однесете го веднаш кај вашиот ветеринар. Откако ќе му раскажете детално за појавата и природата на симптомите, ветеринарот може веднаш да ја утврди причината за алергијата, а доколку тоа не е можно ќе препорача да се направат дополнителни тестирања на крвта или кожата. Во Македонија се уште не се практикуваат стандардните кожни (интрадермални) алерго тестови.

 

 

 

ТЕРАПИЈА

Најдобриот начин за терапирање на алергија е да се отстрани алергенот од околината на пациентот.

– При алергија на болви најдобрата терапија е превенција на болвите. Заштитете ги вашите миленици пред да започне сезоната на болви. Ако не сте сигурни кој продукт е најдобар, консултирајте се со вашиот ветеринар.

– Ако причината за алергија е прашина, чистете го креветчето на кучето еднаш неделно и чистете го домот со правосмукалка барем два пати неделно (ова ги вклучува и сите теписи, завеси и други материјали на кои се собира прашина)

– Капење еднаш неделно може да помогне да се намали чешањето и да ги отстрани алергените од кожата на кучето. Консултирајте се со вашиот ветеринар каков медицински шампон да користите.

– Доколку се сомневате дека вашето куче има алергија на храна ќе треба да направите режим на исхрана со елиминација за да утврдите на која храна е алергично, а откако вашиот ветеринар ќе одреди на која конкретна храна е алергично ќе ви препорача хипоалергени брендови на храна или домашно зготвена храна.

Со оглед на тоа дека некои алергени не можат да се отстранат од околината на кучето, вашиот ветеринар ќе препорача терапија со лекови.
Антихистаминици помагаат кај мал процент кучиња и се даваат само со дозвола на ветеринар.
Суплементи со аминокиселини можат да помогнат да се обнови кожата и да го намалат чешањето.
Лекарства кои го подобруваат имунитетот можат да имаат добар ефект во ублажување на симптомите.
Доколку алергијата е прејака вашиот ветеринар може да препорача употреба на кортизон.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *