Инфективен ринотрахеитис кај мачки (FHV-1)

Инфективниот ринотрахеитис кај мачките е инфекција на горните дишни патишта, односно на носот и грлото. Предизвикана е од мачји херпес вирус 1 (FHV-1). Мачки на било која возраст можат да бидат инфицирани, но малите мачиња се под најголем ризик и можат да бидат инфицирани на возраст од 5 недели. Под висок ризик се и трудни мачки и мачки кои имаат намален имунитет поради некоја претходна болест.

 

 

СИМПТОМИ КОИ ВИЕ ЌЕ ГИ ЗАБЕЛЕЖИТЕ:

– неконтролирани напади на кивање кои се појавуваат оденадеж
– исцедок од носто кој е воденкаст или со гној
– губење на чувството за мирис
– грчеви на очните капаци кои водат до затворење на очите (блефароспазам)
– исцедок од очите
– воспаление на коњуктивата на окото (коњуктивитис)
– воспаление на корнеата на окото кое резултира со болки во окото и заматен вид (кератитис)
– намален апетит
– покачена телесна температура
– истоштеност
– абортуси кај трудни мачки

 

 

Оваа состојба е предизвикана од страна на инфекција со мачји херпес вирус. Најчесто се јавува во домови каде што живеат повеќе мачки или пансиони за животни поради многубројноста. Ризик фактори за инфекција со FHV-1 се лоша вентилација, лоши санитарни услови, лоша исхрана, физички и психички стрес.

 

 

Дијагнозата се поставува така што за почеток на вашиот ветеринар мора да му дадете детална и точна анамнеза за здравјето на вашата мачка, вклучително со точни информации за кога започнале симптомите  и точни кои симптоми ги покажува.
Потоа вашиот ветеринар ќе направи преглед на вашата мачка, ќе направи крвна слика, биохемиски профил и проверка на урината. Кај некои мачки се случува во почетната фаза на болеста да има намален број на бели крвни клетки, состојба позната како леукопенија, за подоцна тие бели крвни клетки да се зголемат повеќе од нормалното, состојба наречена леукоцитоза.

Постојат и напредни лабораториски тестови кои можат да ја потврдат дијагнозата, но се скапи и се користат само во случај ако не може да се постави дијагнозата со горенаведените.
Препорачливо е да се направи рентген снимка кај мачки кои имаат хронична инфекција со овој вирус за да се утврди состојбата на носната шуплина и дали дошло до некакви деформитети.

 

 

Терапијата се состои од тоа што се даваат антибиотици со широк спектар со цел да се спречат секундарни инфекции. Капки и масти за очи се препишуваат со цел да се спречат и намалат шансите за оштетување на очите или за контрола на секундарна инфекција на очите. Често се препишуваат и капки за нос кои функционираат како деконгестант, односно прават вазоконстрикција (стеснување) на крвните садови за полесно дишење.

Поради намалениот апетит многу е важно да се даде флуидна потпорна терапија придружена со витамини и минерали. Доколку мачката одбива целосно да јаде, пробајте понудете и некоја паштетка или кесичка влажна храна за мачки бидејќи тие имаат поинтензивен мирис и вкус и може полесно да се прелажат да јадат.

Многу е важно да се намали или целосно отстрани се што и предизвикува стрес на мачката, бидејќи стресот може да го продолжи времето на опоравување. Доколку имате услови, препорачливо е да направите удобно катче, кое ќе биде затемнето и тивко, каде вашата мачка ќе може да одмара без никакви вознемирувања. Доколку имате и други мачки во домот особено е важно да ги ИЗОЛИРАТЕ од болната мачка. Многу е важно да ја проверувате вашата мачка редовно дали дише регуларно и да не биде оставена долго време сама.

Доколку не се појави секундарна инфекција, оваа состојба се подобрува за 7-10 дена.

Единствениот начин да ја заштите вашата мачка од оваа инфекција е преку вакцина. Оваа вакцина не ја спречува целосно појавата на болеста но доколку вашата мачка дојде во контакт со вирусот и е инфицирана вакцината значително ќе ги намали симптомите и периодот на опоравување. Имунитетот против овој вирус не е за цел живот, затоа се препорачува годишна ревакцинација.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *