Инфекција со Калици Вирус кај мачки (FCV)

Инфекција со калици вирус е честа состојба кај мачките. Вирусот го напаѓа респираторниот систем – белите дробови и дишните патишта – устата (улцерации на јазикот), цревата и мускулоскелетниот систем. Оваа болест е многу заразна кај невакцинирани мачки и најчесто се јавува во домаќинства каде живеат повеќе мачки, пансиони, шелтери, домови со лоша вентилација и одгледувачници.

 

Оваа инфекција може да се јави кај мачки од било која возраст, но најподлежни на инфекција се мали мачиња околу 6 недели стари.

 

СИМПТОМИ КОИ ВИЕ ЌЕ ГИ ЗАБЕЛЕЖИТЕ:

– намален апетит
– исцедок од очите
– исцедок од нос
– чирови на јазикот, тврдото непце, на врвот на носот, устата и околу канџите
– пневмонија
– отежнато дишење откако ќе се развие пневмонијата
– артритис (воспаление на зглобовите)
– отежнато и болно одење
– зголемена телесна температура
– крварење од различни места

 

 

Мачките обично се инфицираат со калици вирус откако ќе дојдат во контакт со инфицирани мачки во шелтери, пансиони или слично. Поради тоа што FCV е многу отпорен на дезинфекциони средства, мачките можат да дојдат во контакт со вирусот во скоро секоја околина. Огромен ризик фактор е невакцинирање или несоодветно вакцинирање на мачките. Исто така ризик фактор е и намален имунитет поради претходни инфекции на мачката.

 

Дијагнозата се поставува така што за почеток на вашиот ветеринар мора да му дадете детална и точна анамнеза за здравјето на вашата мачка, вклучително со точни информации за кога започнале симптомите  и точни кои симптоми ги покажува. 
Потоа вашиот ветеринар ќе направи преглед на вашата мачка, ќе направи крвна слика, биохемиски профил и проверка на урината. Резултатите од овие тестови често се неспецифични и не нудат конкретни услови за цврста дијагноза. .

Препорачливо е да се направи рентген снимка на градниот кош за да се утврди дали има пневмонија и доколку има до кој степен е развиена.

 

Доколку мачката развие пневмонија или има живото загрозувачки крварења ќе треба да биде хоспитализирана кај вашиот ветеринар и терапирана таму. Доколку се работи за пневмонија, неопходно е мачката да добива кислород за да може подобро да дише. Поради тоа што нема конкретен лек за вакви вирусни инфекции, се даваат антибиотици со широк спектар за да се терапира и спречи појавата на секундарни бактериски инфекции. Маст и капки за очи се даваат кај мачки кои имаат развиено симптоми на очите, како и лекови против болка кај оние кои имаат проблем со движењето.

 

За време на лечењето на мачката ќе и биде потребна нега за полесно да се опорави од инфекцијата. Ова вклучува редовно чистење на очите и носот за да се спречи насобирање на секрети. Вашиот ветеринар ќе ви препорача и посебен режим на исхрана, храна која ќе биде богата со нутритиенти но во исто време и лесно сварлива. Доколку мачката има чиреви во устата, оваа храна ќе мора да биде мека затоа што инаку ќе одбива да јаде поради болката.

 

Иако вакцината не ја спречува појавата на болеста, значително ги НАМАЛУВА СИМПТОМИТЕ и го намалува времето на оздравување.

Прогнозата на вашата мачка главно зависи од сериозноста на симптомите и од времето кога сте ја однеле на ветеринар. Запаметете дека е многу важно веднаш штом забележите дека нешто не е во ред со вашата мачка, нешто е различно од нејзиното нормално однесување, јаде помалку од обично и слично, веднаш побарајте совет од ветеринар. Доколку се почне со терапија веднаш по појавата на симптоми пред да се развие пневмонија, оздравувањето може да биде за 4-5 дена. Јака пневмонија може да биде живото загрозувачка. Артритис и чиреви во устата обично се решаваат без понатамошни компликации.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *