Астма кај мачки

asthma in cats

Астма кај мачките се јавува како алергиска реакција на инхалирани (вдишани) алергени или супстанци кои го стимулираат имуниот систем на мачката да се брани.

Кога мачката прв пат ќе вдише алерген, нејзиниот имун систем создава специфични антитела кои имаат задача да го нападнат тој алерген. Кога мачката повторно ќе биде изложена на тој алерген, овие претходно создадени антитела го препознаваат алергенот и започнуваат каскадна реакција во која ги регрутираат сите типови на имуни клетки од телото во дишните патишта. Овие имуни клетки ја иницираат продукцијата на супстанци кои предизвикуваат воспаление, состојба која резултира со иритација, отекување и стеснување на дишните патишта. Како резултат на ова, дијаметарот на дишните патишта се намалува и во внатрешноста се насобира густа слуз. Сите овие процеси го ограничуваат протокот на воздух низ дишните патишта и предизвикуваат потешкотии во дишењето кај мачката.

Просечната возраст на која мачките се дијагностицираат со астма е 4-5 години. Полот на мачката не игра важна улога во појавата на оваа состојба, но некои истражувања покажале дека Сијамските мачки можат да бидат предиспонирани за појава на астма, но ова не е дефинитивно докажано.

 

СИМПТОМИ

– отежнато дишење
– звук на „свирење“ додека дишат
– брзо и плитко дишење
– кашлање
– дишење со отворена уста
– понекогаш повраќање

Овие симптоми можат да варираат во интензивноста и да се појават спонтано. Многу мачки додека имаат напад на астма го исправуваат вратот нагоре во обид да земат воздух подобро.

ДИЈАГНОЗА

Не постои еден, конкретен тест со кој дефинитивно ќе се дијагностицира астма кај мачка. Ветеринарите ја поставуваат дијагнозата со помош на детална анамнеза (историја на симптоми) и различни тестирања.

За дијагностицирање на астма, вашиот ветеринар ќе направи рентген снимка од градниот кош на вашата мачка и евентуално бронхоскопија.
Рентген снимката кај мачка со астма, често но не секогаш, покажува карактеристично светла шема на проширување низ дишните патишта која настанува поради акумулација на воспалителни клетки. Заробен воздух во стеснетите дишни патишта може да предизвика белите дробови да станат преполнети и да делуваат зголемени на самата рентген снимка.

Бронхоскопија е техника со која флексибилна камера (бронхоскоп) се внесува низ устата внатре во дишните патишта на белите дробови. Оваа техника, за која има потреба од длабока седација или целосна анестезија, може да се користи за да се визуелизира внатрешноста на дишните патишта и да се земат примероци од клетките на површината. Мачките кои имаат астма често покажуваат карактеристични промени во изгледот на површината на дишните патишта, но овие промени можат да се забележат и при други респираторни болести.
Анализа на клетките од дишните патишта кај мачки со астма ќе покаже зголемен број на воспалителни клетки, но исто така вакви клетки може да се забележат и кај мачки кои имаат други респиратони болести.

При дијагностицирање на астма, многу е важно да се исклучат сите други состојби кои може да предизвикаат слични симптоми и да покажат слични резултати на тестирања. Хроничен бронхитис, инфестација со паразити во белите дробови, миграција на други паразити во белите дробови, како и други инфективни болести кои резултираат со пневмонија може да имаат слични симптоми. Лекарства кои се користат за третирање на другиве болести нема да бидат соодветни за мачка со астма и може да направат дури полошо.

ТЕРАПИЈА

За терапија на астма кај мачка вашиот ветеринар најчесто ќе ви препише употреба на кортикостероиди за намалување на воспалението во белите дробови, доколку е потребно во терапијата може да додаде и бронходилататори за да се прошират дишните патишта и да се олесни дишењето. И двата типа на лекарства може да се даваат на уста, преку инхалација или со инјекција. Иако кортикостероидите може да се користат сами, бронходилататорите секогаш се користат во комбинација затоа што сами не го намалуваат воспалението кое доведува до астма.

ПРОГНОЗА

Астма кај мачките е често прогресивна состојба која не успева да се подобри со време, и некои мачки може да искусат од време на време астматични епизоди кои може да варираат во интензитетот. Иако мачките не можат комплетно да се излечат од астма, внимателно мониторирање на нивното дишење, внимавање дали кашлаат и интервенирање со лекарства кога е потребно може да и помогне на мачка со астма да живее долго и среќно.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *