Хрчаци

hamsters

Постојат различни видови на хрчаци и сите живеат приближно 2 до 3 години. Хрчаците се ноќни животинки што значи дека сакаат да спијат преку ден. Но, пример џуџестите хрчаци сакаат да бидат активни на зајдисонце и изгрејсонце. За да се осигурате дека вашето хрчаче е здраво и среќно ќе мора да се погрижите да го храните правилно, да има доволно физичка активност и да му го чистите кафезот редовно.

 

ВИДОВИ НА ХРЧАЦИ

* Сириски хрчак
– ова е најчестиот вид на хрчаци кои се чуваат како миленичиња. Сириските хрчачиња треба да се чуваат во одвоени кафези затоа што имаат тенденција да се тепаат. Лесно се тренираат и се едноставни за чување.
– големина: 15-18 цм
– животен век: 2-3 години

* Џуџест хрчак (Кембел/ Роборовски/ снежно-бели Руски хрчаци)
– овие хрчаци се посоцијални и најдобро е да се чуваат заедно со истиот вид затоа што сакаат друштво, но треба да се запознаат со цимерите на рана возраст. Брзи се и агилни и малку потешки за манипулирање ?
– големина: Кембел 10цм, Руски 9-10 цм, Роборовски 5 цм
– животен век: Кембел 1.5-2 години, Руски 1.5-2 години, Роборовски 3-3.5 години

* Кинески хрчак
– слични се во големината со џуџестите хрчаци но не се вистински џуџиња. Може да се сложуваат со други хрчаци од нивниот вид но најчесто не. Пријателски настроени, многу брзи и агилни.
– големина: 10 цм и опашка
– животен век: 2.5-3 години

 

 

КУПУВАЊЕ НА ХРЧАК

Хрчаче може да се купи во секој подобро снабден пет-шоп и се прилично ефтини. Многу е важно да изберете здрав хрчак. Здравите хрчаци треба да имаат чисти уши, чисто и суво газе, мало тркалезно стомаче, чисти и јасни очи, да нема голи делови од крзното и да има здрави заби кои не се прераснати или извиткани.
Доколку хрчачето има влажно газе ова е индикација за бактериско заболување и таквите хрчаци не треба да бидат во контакт со други хрчаци. Постои антибиотска терапија за ова заболување но при купување на хрчак обратете внимание да не го купите веќе болно.
Обрнете внимание да не купите хрчак кој е плашлив и се крие или хрчак кој гризе. Треба да има здрава доза на љубопитност и дружељубивост.

Кога ќе го донесете хрчакот дома треба да му оставите време и простор да се аклиматизира. Ова може да потрае и 2-3 дена. Погрижете се да биде на тивко место и интеракцијата која ќе ја имате со него додека се навикне на вас нека биде сведена на ставање храна и вода. Има време за играње и галење ? Откако ќе се навикне на новиот дом, полека и тивко претставете му се ?

 

 

 

КАФЕЗ/ЖИВЕАЛИШТЕ

Хрчаците сакаат да живеат во кафези кои се минимум 3000 цм2 а најсреќни би биле со кафез поголем од 4500 цм2. Висината на кафезот треба да биде минимум 30 цм и да има доволно простор за да се смести тркало за трчање. Тркалата треба да бидат високи 25-30 цм за Сириски хрцачи и 20 цм за џуџести. Земање на тркало е есенцијално бидејќи на хрчаците им треба редовна физичка активност.
Доколку не сакате да биде кафез може да го сместите хрчачето во стаклен терариум се додека ја има соодветната големина. Со стаклен терариум морате да се осигурате дека капакот е доволна заштита хрчакот да не избега а во исто време и дозволува соодтветна вентилација. Погрижете се терариумот да не биде поставен на директна сончева светлина бидејќи така би можел хрчакот да се прегрее.
Многу е важно кафезот да го поставите на соодветно тивко место и подалеку од дофат на други миленици во домот доколку ги имате. Ова е потребно за хрчакот да нема стрес. Во ниеден момент не е препорачливо кучиња и мачки да имаат било каква интеракција со хрчаци.
Осигурајте се дека хрчакот не може да избега од кафезот. Тие се многу паметни животинки и мора да ги затворите сите дупки и можни начини за бегство. Проредот на решетките за хрчак не треба да биде поширок од 0.7 цм.

Подлогата на кафезот треба да биде дебела барем 15 цм. Хрчаците сакаат да копаат тунели во подлогата. Струготини од бор или кедрово дрво не се добар избор за хрчаци бидејќи може да предизвикаат здравствени проблеми на респираторниот систем и да содржат опасни масла. Најдобро е да се користат струготини од листопадни дрва. Никогаш не ставајте памук како подлога бидејќи можат да го изедат но не и да го сварат па да направат дигестивни проблеми, или да им се замота околу ноџињата каде може да се прекине циркулацијата или во најлош случај смрт. Хартиени подлоги се во ред, само не ги ставајте цели весници туку исечоци. Дури и тоалетна хратија е избор само да нема мирис ?

 

 

ХРАНА И ВОДА

Хрчаците се хранат секој ден и треба да се дава доволна количина за да ги наполнат образите ? За сириските тоа е околу 15 грама а за џуџестите околу 8 грама. Погрижете се во чинивчето за храна секогаш да има свежа храна. Хрчаците се типови на животинки кои ќе чуваат „залихи на храна“ така да ако најдете купчиња храна скриена во кафезот не му ја фрлајте, туку можете само да ја замените со свежо купче ако ви делува бајато ? Погрижете се чинивчето да е метално а не пластично бидејќи обожаваат да грицкаат пластика.
Хрчаците се пребирливи животинки па препорачливо е да користите храна во компресирани пелети а не мешани семиња ограничувајќи им го изборот да „бираат што ќе јадат“. Семињата можете да ги користите како додатоци во исхраната но само откако ќе бидете сигурни дека си ја изеле дневната доза на пелети.
Храната растурете ја низ кафезот и ставете ја во играчки за да им биде забавно да ја бараат ?
Избегнувајте човечка храна! Хрчаците можат да развијат дијабетес.
Редовно давајте грицки како морковчиња, краставица, јаболчиња, банана, пиперки, марула, кељ…
Забрането е да давате кромид, лук, праз, бадеми, грав, компири, овошје со семки, авокадо, власец, црн домат, iceberg марула, домати и цитрусни овошја.

Секогаш треба да има достапна свежа вода. Водата не треба да стои во чинивче во кафезот бидејќи така многу лесно ќе ја истури, ќе ја натопи подлогата а и себеси па може да се разболи. Водата треба да биде со специјално шише со цуцла за глодари закачено на кафезот. За чистење на ова шише ставете малку вода и несварен ориз и протресете го многу силно. Оризот ќе ги исчисти евентуалните насобрани алги по ѕидовите на шишето.

Ставете дрвце за грицкање во кафезот. Забите на глодарите растат постојано и потребно им е да глодаат дрвца за да ги трошат. Доколку нема соодветно дрвце за глодање ќе го глода кафезот или забите ќе му пораснат премногу и нема да може да јаде. Доколку забележите дека забите на вашиот хрчак се пораснати премногу однесете го на ветеринар за да му ги скратат.

 

 

ПРИПИТОМУВАЊЕ

Припитомувањето на хрчачето треба да го започнете втората недела откако ќе го донесете дома. Повеќето хрчаци се активни навечер. Пробајте да ги научите индивидуалните рутини на вашето хрчаче и да го вежбате припитомувањето во периодите од денот кога е најактивно.
Најлесен начин за ова е да го ограничите во простор како на пример во када. Влезете и вие во кадата и ставете неколку забавни играчки. Ако не сака да игра не го форсирајте. Доколку ве гризне или изгребе не го казнувајте.

За да го припитомите хрчакот поставете ја раката во кафезот и дозволете му да ја истражува и душка. Доколку почне да ве грицка нежно и неагресивно полека и нежно повлечете ја раката на неколку секунди па вратете ја за да ја истражува. Ова ќе му помогне на хрчакот да научи дека таа рака не е страшна и не треба да ја гризе. Како втор чекор ставете семиња во раката за хрчакот да научи дека е безбедно и забавно да се качи во раката. Понатаму, секогаш кога ќе се качи во вашата рака давајте му грицка како награда. Откако ќе се навикне дека е безбедно да се качува на раката пополека и нежно кревајте ја раката од подот на кафезот. На почетокот може да се плаши но зборувајте му тивко и нежно и давајте му грицки цело време. Додека се учите дека е безбедно во вашите раце седете на под во случај хрчакот да се исплаши и да реши да рипне. Може да се повреди ако падне од висина 20 цм и повеќе.

 

ХИГИЕНА

Многу е важно редовно да ја менувате подлогата на кафезот и да го исчистите целосно кафезот заедно со сите чинивчиња и играчки. Сместете го хрчакот на безбедно место додека чистите.

ХИБЕРНАЦИЈА

Хрчаците се животинки кои во дивината а некогаш и во заробеништво односно домашни услови можат да влезат во стадиум на хибернација. Хрчаците кои се чуваат до домашни услови многу ретко хибернираат бидејќи за хибернација им треба температурата во просторијата да падне под 4.4 °C. Хрчаците кои хибернираат се припремаат цела година со тоа што јадат повеќе за да наталожат масти. Доколку температурата падне нагло шансите да е хипотермија наместо хибернација се огромни. Доколку го забележите хрчачето да изгледа како да не дише, да не можете да му го почувствувате срцето или да не реагира кога ќе го земете во рака не паничете веднаш дека умрело. Сместето го во кутија со прекривка и веднаш однесете го на ветеринар.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *