Ленено семе за вашето куче

flax seed for dogs

Уште еден производ кој би можеле да го користите како додаток во исхрана за супер здрави и среќни кучиња е лененото семе. Многубројните потенцијални здравствени бенефити се должат на количеството на омега-3 есенцијални масни киселини (алфа-линоленска киселина),  кои ги содржи леленото семе, омега-6 масните киселини,  како и протеини, диететски влакна, лигнани и мангани.  

Историски гледано леленото семе се употребува веќе илјадници години за производство на лен, ткаенина, а и на масло од ленено семе. Самите семиња директно изедени во таква форма не се препорачливи бидејќи се толку стабилни што нема да дојде до нивна дигестија. Но, иако засега мал број на комерцијални храни го содржат лененото семе, во пораст е производството на органски храни кои се добро избалансирани со сите потребни состојки и суплементи.

Сите ќе се сложиме дека крзното е огледало на здравстената состојба на нашиот миленик. Сувата кожа без сјај може да сигнализира различни метаболички заболувања но, исто така може да е предупредување дека храната која му ја сервираме на нашето куче не е доволно збогатена со се што му е потребно. Се почесто сме сведоци на кучиња со атопичен дерматитис, кои покрај соодветната терапија треба да добијат збогатена храна со овие есенцијални масни киселини кои сигурно ќе придонесат за побрзо закрепнување и за подобар имунитет.

Изразената антиинфламаторна улога на есенцијалните масни киселини е од голема помош и за кучиња кои страдаат од артритис. Остеоартритис вклучува воспалителна компонента што може да биде под влијание на додаток во исхраната, особено омега-3 масните киселини.

ленено семе

Лененото семе содржи и лигнани. Тоа се антиоксиданти кои го подобруваат имунолошкиот систем. Го намалуваат оксидативниот стрес кој е тесно пак поврзан со воспаленија и туморозни промени. Корисно е при проблеми со надбубрежната жлезда. Покрај терапијата, давање на доволни количини ленено семе во исхраната покажало охрабрувачки резултати. Лигнаните, исто така, вршат и други функции во телото на кучето поврзано со фитоестрогена активност, а лигнанот го зазема местото на естрадиол во ткивните естрогенски рецептори на кучето.

Корисно е и за животни кои страдаат од бубрези, пред се токму заради антивоспалителната улога, со што се зголемува виталниот крвен проток, а го намалува нивото на холестерол.

Како што веќе напоменавме лененото семе е доста богато и со диететски влакна. Тие помагаат да се впие голема количина на токсини, а со тоа помагаат да се зголеми движењето во колонот и кучето да се ослободи од непотребните материи.

ленено семе

Иако лененото семе е храна што значи дека веројатноста да се предозира вашиот миленик е мала, сепак за соодветната доза треба да се консултирате со вашиот ветеринар. Без сомнение кучињата многу побрзо ги дигестираат анималните протеини, додека лененото семе е со растително потекло. Важно е да се напомене и дека ова семе пред се содржи доста алфа-линоленска киселина (ALA), која потешко се конвертира во EPA и DHA (еикозапентаеноична киселина и докосахексаеноична киселина), омега-3 масни киселини. Препорачливите дози варираат во зависност од расата т.е од големината на кучето и од неговата здравствена состојба. Важно е да се обезбеди и висококвалитетен извор, да се знае прозводителот, токму поради фактот дека семето е доста ранливо при неправилна манипулација и неправилно складирање.

 

Напишано од Симона Михаиловска, ДВМ. 

 

Доколку ви се допадна оваа статија, прочитајте “Придобивки од јадење тиква за кучињата и мачките“.

 

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *